Како вашата шминка да трае подолго?
Автор: Ели Радеска
Некои жени и девојки ја одржуваат својата убавина од изгрејсонце до зајдисонце, други пак, мора да ја обноват шминката барем еднаш во текот на денот. Со сигурност не треба да бидете робови на производите за убавина, но некои поводи и прослави бараат шминката да остане совршена во текот на целиот ден. Еве ги чекорите придружени со совети кои треба да ги следите за да успеете во тоа.
1. Чистење на лицето
Добро исчистете ја кожата на вашето лице за да ги отстраните мртвите клетки од површината на кожата. Не правете пилинг непосредно пред шминкањето за да одбегнете црвенило и иритација. Доколку имате масна или комбинирана кожа, обрнете особено внимание на Т-зоната.
2. Хидратација
Одберете хидратантен крем и нанесете го на вашето лице за да обезбедите нежна и мазна површина за вашата шминка. Почекајте од 5 до 15 минути, во зависност од вашата кожа, за да се впие кремот пред да продолжите со следните чекори.
3. Основа на шминката
Нанесете основа за шминка чии состојки ќе бидат базирани на пудра за лице. Ако сте подолго време на отворено побарајте водоотпорна основа за шминка. Доколку ја нанесувате со сунѓер, внимавајте претходно да биде добро исчистен. Нанесувајте во нагорна и надворешна насока и избегнете триење на кожата.
4. Коректор
Одберете соодветен коректор за вашата кожа. Користете коректор во стик доколку имате масна кожа или течен коректор доколку имате сува кожа. Нанесете околу очите и на местата каде тенот не ви е изедначен. Коректорите, како и пудрите направени од минерали траат подолго и се поздрави за вашата кожа.
5. Руменило
Додадете боја на вашето лице со руменило или бронзер. Со цел да трае подолго можете да измешате нанесувајќи крем руменило, а над него руменило во прав, оваа мешавина мора да ја нанесете внимателно.
6. Пудра за лице
Нанесете пудра за лице, повторувајќи ја постапката на масните делови од лицето, нанесете и на очните капаци. Квалитетната пудра е клучен фактор во долготрајноста на вашиот мејкап изглед.
7. Пудра во прав
Нанесете пудра во прав или камена пудра. Дувнете врз четката или сунѓерчето пред да нанесете. Прескокнете го овој чекор доколку имате сува кожа, зашто ќе добиете сув, неприроден изглед, а порите ќе ги направите видливи. Додадете уште еден слој руменило или бронзер и завршете го овој чекор така што внимателно ќе прснете лак за коса врз вашето лице, на раздалеченост од две дланки поставени во ширина.
8. Долготраен кармин
Сигурно не сакате прославата да ја минете со огледалце и кармин во рака. Направете вашиот кармин да трае подолго. Прво нанесете моливче за усни по краевите на усните, а потоа и на целата површина. Моливчето не смее да биде потемно од нијансата на карминот. Секој кармин може да го направите да трае долго и тоа со нанесување на повеќе слоеви. Прво нанесете кармин, земете марамче, доближете ги усните и тапнете неколку пати врз марамчето. Потоа нанесете повторно од карминот, повторувајќи ја истата постапка. За крај нанесете уште еден слој. Врз карминот по желба, може да додадете и сјај за усни, сето тоа внимателно искомбинирано.
9. Моливче за очи
Ова е критична зона, бидејќи очите природно лачат течност. Со памук внимателно поминете по внатрешните краеви на очите, пред да нанесете моливче за очи. Врз моливчето, со тенко сунѓерче тапкајќи нанесете црна сенка за очи. Ова можеби наликува на изгледот „зачадени очи“, но постапката е многу практична бидејќи ќе спречи размачкување на моливчето.
10. Долготрајна шминка за очите
Уживајте во долготрајна шминка на очите со нанесување на лесни слоеви сенки за очи. Сунѓерчето со кое ќе ја нанесувате, претходно „извалкајте го“ во пудра во прав. Маскарата ќе трае подолго, ако претходно внимателно сте нанеле пудра во прав врз вашите трепки.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.