Магичната кампања на „RED Valentino“ за пролет/лето 2012
Автор: Симона Ристоска
Новата кампања на „RED Valentino“ за претстојната сезона е вистинска бајка која ќе ви ги разбуди сетилата и ќе ви ја поттикне имагинацијата. Задржувајќи ја софистицираноста на Валентино, но сепак со чувство на современост и доза екстравагантност, таа ве воведува во една магична земја каде моделите се трансформирани во принцези, а модните писти во таинствени шуми. Кампањата е снимана во „Parco dei Mostri“ (Паркот на чудовиштата), кој е лоциран во Бомарцо, Италија.Првичната идеја на креативните директори Марија Грациа и Пјер Паоло Пиколи била да ја доловат маѓепсаната шума, во која хероините постојано ги откриваат имагинарните и волшебни светови на романтични принцези и лоши кралици. Она што е сигурно е дека нивната идеја одлично изгледа спроведена на дело.Она што новата колекција го нуди е истакнување на романтиката и женственоста. Слатки и симпатични фустанчиња, полни здолништа, деликатни машнички и куси палта, сè тоа во неутрални и пастелни бои. Колекцијата опфаќа од заводливи фустани до секојдневни шик парчиња, а дизајнерите тврдат дека во нив ќе се чувствувате како вистинска принцеза на модата!
Подолу можете да погледнете избор од парчињата облека кои со сигурност ќе бидат и повеќе од актуелни во светот на модата оваа пролет и лето. Се надеваме дека оваа неодолива колекција ќе ве инспирира и ќе ве натера да го разиграте вашиот стил во топлите денови кои полека, но сигурно доаѓаат.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.