Карневалот во Рио – експлозија на бои и звуци
Автор: Петар Тодоровски
Секоја година, непосредно пред велигденскиот пост, Бразилците излегуваат на улиците на четиридневна прослава на хедонизмот. Бескрајната маса од повеќе од два милиони луѓе кои танцуваат, ритамот на самбата и шаренилото од костими, предизвикуваат експлозија од бои и звуци карактеристични за најмасовниот карневал во светот.Карневалот во Рио де Жанеиро започнал да се одржува пред повеќе од 150 години, кога доселениците од Португалија парадирале по улиците на градот танцувајќи на европска музика, како полки и валцери, а на почетокот на дваесеттиот век, работничката класа, главно домородно население, ја создало самбата и тогаш карневалот го добил денешниот лик.Карневалската парада ја сочинуваат дванаесет претходно избрани училишта за самба, а целиот настан всушност е натпревар помеѓу нив. Училиштата за самба можат да бидат вистински училишта за изучување на танцот или групи од пријатели или соседи кои сакаат да учествуваат. Секое училиште одбира тема која ја претставува преку костимите, танцот и музиката. На крајот од карневалот, жирито го избира победникот, кој добива право уште еднаш да го изведе своето шоу.Училиштата за самба се составени од повеќе групи кои излегуваат по строго одреден редослед. Прво настапува предното крило, составено од десет до петнаесет луѓе чија цел е преку танц да раскажат кратка приказна со која ќе ги најават главната група и темата. Потоа на ред доаѓа главната група, поставена на движечка платформа. Во неа најважна е кралицата. Таа стои на видно место и го држи знамето со симболот на училиштето, а друштво ù прави уште еден член од групата чија задача е да го привлече вниманието на посетителите кон кралицата. Покрај нив танцуваат останатите членови, облечени во екстравагантни костими кои често се многу тешки. Останатиот дел од училиштето за самба, во кој има барем сто девојки, танцува покрај платформата.Поворката од дванаесетте избрани училишта поминува на „Самбадром“, огромна улица околу која се поставени трибини за гледачите. Гламурозниот настан започнува околу девет часот навечер, а завршува дури следното утро.Покрај на „Самбадромот“, забавата се случува буквално на сите улици и плажи во градот. За разлика од главната карневалска поворка, на уличните фестивали учествуваат буквално сите кои се наоѓаат во Рио. На улиците низ градот има безброј бендови кои свират во живо, а посетителите танцуваат и ја создаваат најголемата улична забава што може да се замисли.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.