Кожата во која живеам (The Skin I Live In)
Филм за вечната потрага по совршенство и за ужасните животни судбини
Режија и сценарио: Педро Алмодовар
Улоги: Антонио Бандерас, Елена Анаја, Бланка Суарез, Јан Корнет, Мариса Паредес
Костимографија: Жан Пол Готје
Времетраење: 117 минути
Јазик: шпански
Премиера: 17 август 2011
Жанр: драма, трилер
Наша оценка: 8/10
Ваша оценка:
Ако сте фасцинирани од Франкеншатјн, преку последното остварување на Педро Алмодовар, ќе запознаете негова блага варијанта, прилагодена на современите општествени текови. Феноменот, човечкото тело е во фокусот и на овој филм на непредвидливиот шпански режисер. Во време кога пластичните операции го дрмаат модерното општество, тој нè води во една мрачна приказна, во која потрагата по совршена човечка фигура, се граничи со лудило. Во негов препознатлив стил, низ доза иронија, по малку црн хумор и силни бои и дезени, ви ги врежува сцените од филмот долго потоа.
Темата ви е добро позната, но верувајте, начинот на кој Алмодовар ја обработил, ни од далеку не изгледа како остварувањата кои досега сте ги погледнале. Повторно докажува дека е единствен и неповторлив, а неговите фантазија и визија за иднината одат до бесконечност… Алмодовар сопствениот филм го опишува како „Хорор приказна без врисок и плашење“. Филмот е адаптација на романот „Тарантула“ на францускиот писател Тјери Жонке.
Приказна: Дејствието се одвива во Толедо, Шпанија. Генијалниот пластичен хирург Роберто (Антонио Бандерас) е опседнат со идејата да создаде совршена кожа за човекот, која ќе биде отпорна и на најсилните надворешни влијанија. Забранетиот експеримент го започнува откако неговата сопруга ќе добие страшни изгореници во сообраќајна несреќа, и не можејќи да се помири со таквиот изглед, се самоубива фрлајќи се од прозорец пред очите на нивната ќерка Норма (Бланка Суарез).
Роберто во неговата современа домашна ординација креира синтетичка кожа, на која огнот не би можел да ù наштети. Научната јавност го предупредува да сопре со експериментот, но тој не сака ниту да помисли да ги земе предвид нејзините укажувања. Неговата ќерка Норма, по самоубиството на мајка си, со траумите се бори во душевна болница. После одреден период, таа е пуштена на домашна нега и се враќа да живее во семејната куќа. Роберто одлучува веднаш да започне со нејзина ресоцијализација и вечерта ја носи на една забава, на која таа несвесно влегува во флерт со младиот и симпатичен Винсент (Јан Корнет), кој погрешно го толкува нејзиното наивно однесување и ја принудува на секс. После ова на Норма драстично ù се влошува состојбата, почнува татко ù Роберто да го гледа како нејзин силувач и повторно се враќа на терапија. Но, нејзината состојба станува сè полоша и полоша и за кусо време и таа си го одзема животот. Роберто започнува одмазда. Го киднапира Винсент, го измачува, му го менува полот и го претвора во негова муза, на која со неверојатна прецизност го спроведува експериментот. Глума: Можеме слободно да кажеме дека режисерот точно знаел кому ги доверува улогите. Антонио Бандерас перфектно глуми брилијантен научник и хирург. Покрај него, и останатите актери во филмот, како долгогодишни соработници на Алмодовар, очигледно немаат проблем да се соживеат и со најоткачените и најконтроверзни ликови, кои може да ги креира оскаровецот.Кога и како да го гледате: Како и за останатите филмови на Алмодовар, така и за овој, најпрво добро подгответе се психички. Секако погодно време за ваша домашна премиера на филмот е доцна навечер, па ако ве измори, ќе можете да му се препуштите на сонот.
Овој филм на Алмодовар отскокнува од сите негови останати остварувања, кои горе-долу не обединуваа во критиките. Овојпат, Алмодовар успеа да ги подели во ставовите, како филмските критичари, така и публиката. Некои филмот го сметаат за најголем неуспех на режисерот, но поголемиот дел се фасцинирани од новата визија и потег на Алмодовар. Погледнете го, па дефинирјте во која категорија спаѓате вие. Знаеме само едно, со сигурност нема да ве остави рамнодушни.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.