7 идеи за планирање новогодишна забава во последен момент
Автор: Моника Трајковска
Полагам до 30-ти, работам и на 31-ви, можам да се одморам само 2 дена и после почнувам пак со учење/работа… ова се одговорите кои се слушаат периодов на прашањето: „Каде за Нова година?“ Но, сепак, немањето време за организирање не значи дека морате да ја поминете новата година сами дома гледајќи филмови. Еве неколку идеи како на брзина да испланирате добра забава со вашите пријатели.
1. Тема
Смислете тема на забавата – бидејќи е во последен момент мора да биде нешто едноставно за да можат пријателите да имаат време да се подготват. На пример, сите мора да бидат облечени во бело-црвена комбинација, бал под маски како во 40-тите (доколку немате маска можете лесно да ја нацртате на лицето со помош на сенки и моливчиња за очи), казино-вечер или пак пижама-парти.
.
2. Музика и танцување
Најдете музика што ќе одговара на темата која сте ја избрале. Без добра музика и танцување не може да има добра забава. Ако имате пријатели кои свират на гитара, замолете ги да одржат мал концерт на почетокот на вечерта. Погрижете се и за осветлувањето, доколку имате сијалички за кои немало место на елката, распоредете ги низ просторијата.
3. Декорации
Балони, украси, светилки, свирчиња, капи, конфети и како најважно – жижици… сè што останало од минатите новогодишни прослави и роденденски забави може повторно да се искористи. Исто така, на чашите можете да нацртате или залепите броеви од 1 до 10. На тој начин вашите пријатели полесно ќе ја препознаваат својата чаша, но истовремено и ќе се зголеми очекувањето за одбројувањето до новата година.
.
4. Колачиња
Бидејќи нема доволно време за готвење, можете да направите различни видови колачиња украсени со шлаг. Дел од нив нека содржат интересни пораки кои ќе „предвидуваат“ настани во текот на наредната година.
5. Друштво
Пишете им порака на најблиските пријатели – покана во која накратко ќе ја опишете својата забава. Секако, пишете им и што да донесат со себе, на пример дополнителни декорации, колачиња, музика, фотоапарат… сè што нема да успеете вие да најдете или направите до вечерта.
.
6. Коктели
Изненадете ги пријателите со шарени коктели. Потребни ви се овошни сирупи во неколку бои и безбоен пијалак по ваш избор. Од овошните сирупи можете да направите и коцки лед. Останатото оставете го на имагинацијата.
7. Фотограф
Еден од пријателите нека добие задача да фотографира цела вечер. Нека прави рандом фотографии од целиот настан. Веруваме дека наредниот ден токму тие ќе бидат главна тема на разговорите.
Среќна Нова година!
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Prekrasno….