Зимата пристигна. Вечерва слаб снег веќе провејува на неколку планински премини, а според прогнозата, во текот на ноќта снег ќе има и во поголем дел од државата.
Каде вее снег во моментов
Според ЈП „Македонијапат“, снег провејува на патните правци:
- Гостивар – Кичево преку Стража
- Маврово – Дебар
- Крива Паланка – граничен премин Деве Баир
- Лисец – Попова Шапка
На Попова Шапка температурата вечерва е веќе неколку степени под нулата. На Плетвар видливоста е намалена до 100 метри поради магла.
Сите државни патишта засега се проодни, по влажни коловози. Во клисурите и усеците можни се поситни одрони на коловозот.
Вечерва снег и во градовите
УХМР има активирано жолт метеоаларм за 28 и 29 ноември поради обилни врнежи, засилен северен ветер и снег.
Во текот на ноќта кон недела, дождот во поголем дел од земјата ќе премине во снег. Исклучок се Повардарието и југоисточните предели, каде што ќе врне дожд или дожд и снег.
Во Скопје се очекуваат дожд и снег кон крајот на вечерта и во текот на ноќта, а на околните планини и во повисоките делови од котлината – снег.
Колку снег се очекува
- во поголем дел од државата од 1 до 5 сантиметри до недела напладне
- во одделни градови во западните и северните делови од 10 до 20 сантиметри
- на планините и во скијачките центри од 20 до 30 сантиметри
Северниот ветер повремено ќе дува и над 40 километри на час.
Студена недела, а потоа и мраз
Недела ќе биде значително постудена. Утрото ќе биде од -3 до 4 степени, а преку ден најмногу до 6 степени. Во Скопје се очекуваат околу 3 степени.
Кон крајот на неделата врнежите ќе престанат, а од понеделник следуваат стабилно и студено време и мразови утра.
Совети за возачите
- не тргнувајте на пат преку планинските премини без потреба
- од 15 ноември до 15 март зимската опрема во возилото е задолжителна
- прилагодете ја брзината и чувајте поголемо растојание
- пред патување проверете ја состојбата на патиштата кај ЈП „Македонијапат“ на телефон 02 25 61 502






