Во седмата епизода од „Кафе со…“, на кафе со водителката Јана Спирковска во LUX CAFE во срцето на Скопје, гости се Беира Салифоска и Димче Миланов. Беира е наставничка со целосно оштетен вид, живее сама, а со својот пријател и асистент Димче истрча полумаратон од 21 километар на Скопскиот маратон.
„Може ли слеп човек да трча маратон? Зошто да не може“
Идејата се родила спонтано, во разговор меѓу двајцата пријатели. Почнале со пет километри во 2023 година, па дошле десет, па полумаратонот. Подготовките траеле шест до седум недели: трчање, велосипед и Водно двапати неделно. Последната трка во Гевгелија ја истрчале по пороен дожд, а Димче раскажува и анегдота за очилата што му се замаглија токму на трката.
Зборот „не можам“ не постои
„Теоријата на Димче е дека не смеам да кажам не можам. Веќе го имам заборавено зборот не можам“, вели Беира. Тоа правило важи и на тренинзите и во секојдневниот живот.
Секојдневните предизвици
Беира раскажува како ја препознава бојата на алиштата кога пушта машина за перење, кои апликации ги користи на телефонот и колку е Скопје прилагодено за лицата со оштетен вид, од паркираните автомобили на тротоарите до семафорите без звук. „Ако е добро за сите вас, ќе биде добро и за нас“, вели таа. Зборува и за брајовото писмо, кое и денес го смета за незаменливо.
„Самостојна сум, ама не сум независна“
Беира студирала вонредно покрај работата на клиниката за физикална медицина, а денес работи во училиштето со ресурсен центар „Димитар Влахов“, каде што некогаш и самата учела. Заедно со Димче, претседател на здружението „Видлива поддршка“, зборуваат за инклузијата во училиштата и за пријателство што трае 14 години. Целата епизода е во плеерот погоре.
„Кафе со…“ ви го носи Crispify. Емисијата ја поддржуваат Smart Invest Group и DIAS. Снимено во LUX CAFE. Продукција: Тараба Медиа и Прокам.




