Во шестата епизода од „Кафе со…“, на кафе со водителката Јана Спирковска во LUX CAFE во срцето на Скопје, гостинка е Мартина Симјановска – девојката што својот профил за рецепти го отвори во карантин, а денеска илјадници семејства готват по нејзините рецепти.
Ладното какао со милиони прегледи
Нејзиниот највирален рецепт е ладното какао – видео за кое, вели, ни самата не се сеќава како успеала да го сними и објави, а кое имало милиони прегледи и секоја година повторно оживува. Раскажува и што прави со храната што останува од снимањата: „Прашај ги комшиите“, вели низ смеа, но и дека сите рецепти се пробани многу пред да бидат објавени.
Апликација, посни и славски рецепти
Мартина е прва кај нас со своја апликација за рецепти, во која може да се пребарува по состојки и по време за готвење, а сега внатре се и детските рецепти. Во овој период најмногу се бараат посните и славските рецепти – „многу е лесно со мрсни работи, но постната трпеза е предизвик“.
„Македонската кујна е една од најздравите“
Зборува и за тоа зошто смета дека македонската кујна е една од најздравите – манџа, грав, сарма – само без премногу масло и без класичната запршка, која, признава, ни не знае да ја прави. Има што да каже и за пицата со кечап, која Италијанците никогаш не би ја направиле.
Готвење во бременост и чудни пораки
На крајот на бременоста, вели, најтешко ѝ е да стане и да сними, но ја држат луѓето што секој ден чекаат нов рецепт. Раскажува и за најчудните пораки што ги добива – од сликички плехчиња до прашања дали може две јајца наместо едно. Целата епизода е во плеерот погоре.
„Кафе со…“ ви го носи Crispify. Емисијата ја поддржуваат Smart Invest Group и DIAS. Снимено во LUX CAFE. Продукција: Тараба Медиа и Прокам.




