(ФОТО/ВИДЕО) Културното лето во Кисела Вода започна со вечер за паметење: Никола Станишиќ со одлична атмосфера го заврши првиот ден

Сподели

Под слоганот „Кисела Вода – најстарата скопска приказна, 71 година културен печат на градот“, вчера вечер во Драчево официјално започна Културното лето во организација на Општина Кисела Вода.

Реклама

Манифестацијата ја отвори градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, а Кафе пауза беше таму и низ својот објектив ја долови атмосферата од првата фестивалска вечер.

Реклама

Културното лето во Кисела Вода вчера вечер го имаше своето свечено отворање во Драчево, на локацијата кај Крстот, каде публиката уживаше во музика, традиција, настапи и вистинска летна енергија.

Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, по отворањето на манифестацијата, порача дека Кисела Вода со најсилен ритам зачекорува кон 71-от роденден на општината.

Реклама

„Каква енергија, каков спектакуларен почеток на нашето Културно лето“, порача таа, истакнувајќи дека атмосферата и присуството на граѓаните покажале како вистински се слави и живее со музиката.

Настанот започна во 20 часот со настап на КУД „Китка“, кои со својата изведба ја внесоа публиката во духот на традицијата и културното наследство.

По нив, на сцената настапи Андријана Петрушовска, а вечерта продолжи со музичка програма во која учествуваа и ученици од општинските училишта од Драчево, ЕМЦ „Наши ноти“ и традициската насока при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“.

Првата фестивалска вечер ја заокружи Никола Станишиќ, кој приреди атмосфера за паметење. Со својата енергија, избор на песни и одлична комуникација со публиката, тој ја претвори вечерта во вистинско летно дружење исполнето со музика, аплаузи и позитивна енергија.

Кафе пауза беше дел од настанот, а низ нашиот објектив ви пренесуваме дел од атмосферата – публиката, сцената, насмевките и моментите што го одбележаа почетокот на Културното лето во Кисела Вода.

Манифестацијата продолжува и денеска, во сабота, со програма на повеќе локации. Во паркот Шопен е предвидена коријада во организација на Здружението на пензионери од Кисела Вода, како и хуманитарна изложба, додека вечерниот дел продолжува во паркот Расадник.

Таму публиката ќе има можност да ужива во настапите на ДЈ Марио Трампет и ДЈ Доријан, Влатко Миладиновски, Лозано и Таско. Вечерта се очекува да донесе уште поголема посетеност и богата музичка програма за сите генерации.

Културното лето продолжува и во недела, кога во паркот „Македонија“ од 19 часот ќе се одржи семеен ден со детски содржини, а вечерната програма повторно ќе се пресели во паркот Расадник, каде ќе настапат млади бендови и талентирани ученици, ДЈ Марио Трампет и ДЈ Доријан, 2Бона и Војаж.

Со богата програма, познати музички имиња и содржини за сите генерации, Културното лето во Кисела Вода уште на самиот старт покажа дека претстојат три дена исполнети со музика, култура, забава и вистинска летна атмосфера.

Најново

Може ќе ве интересира