Анета ни ја раскажа приказната зад Акреа – македонски бренд што ја претвора традицијата во современ дизајн

Сподели

Во специјално интервју за Кафе пауза, Анета од Акреа ни ја раскажа приказната зад брендот, инспирацијата што ја црпи од македонското културно наследство и мисијата преку современ дизајн традицијата да стане поблиска до новите генерации.

Реклама

AКРЕА е уникатен македонски бренд кој на современ и креативен начин го оживува културното наследство и традицијата. АКРЕА претставува мост помеѓу минатото и сегашноста, поттикнувајќи поголема почит и препознавање на нашите културни корени преку модерен визуелен израз.

Реклама

Како започна приказната за Акреа и што ве поттикна да создадете бренд инспириран од македонското културно наследство?

Идејата постои одамна, но за време на ковид кризата, конечно се создадоа услови да почнам со реализација на истата. Стручното образование, работното искуство и љубовта кон културното наследство беа столбовите во создавањето на Акреа.

Реклама

Што значи името Акреа и каква идеја стои зад него?

Акреа е старо македонски (антички) збор со значење божица, ќерка, женска енергија, женски принцип.  Оддавајќи почит преку дизајните на вештината на македонската жена, убавината, мистичноста, името совршено се вклопи во целиот концепт.

Од каде најчесто ја црпите инспирацијата за дизајните – археолошки артефакти, везови, носии, архитектура, фрески?

Македонската култура е непресушен извор на инспирација. Се обидувам во современ концепт да го претставам најзначајното што ја одбележува нашата култура, тоа по кое сме препознатливи. Ќе спомнам некои од мотивите : Ангелот од Курбиново, Големата Божица Мајка од Тумба Маџари, Пајонската свештеничка, мотиви од икона и фрескоживопис од Дичо Зограф, ѕидна декорација од Богородица Перивлепта…

Како го спојувате традиционалното со современиот дизајн, а притоа ја задржувате автентичноста?

Тоа претставува вистински предизвик особено кај некои сложени мотиви како на пример мијачките везови на кои работам и по неколку денови. Но независно од сложеноста никогаш не отстапувам од задржување на автентичноста. Без исклучок ги задржувам обликот, боите , приказната која стои зад мотивот, само ги стилизирам линиите. На тој начин создавам нов, современ концепт.

Како изгледа процесот на создавање еден производ – од идеја до финален дизајн?

Најпрво започнувам со истражување, стручна литература, теренско истражување, фотографирање. Потоа рачно го изработувам цртежот на избраниот мотив, кој цртеж во следната фаза графички се обработува. Креираниот фајл на крајот се аплицира на различни производи со помош на печатење.

Кои производи се најбарани или најпрепознатливи кај публиката?

Не би можела да издвојам, бидејќи колекцијата содржи повеќе различни производи (маици, тоте торби, чаши, подлошки за чаши, одбележувачи за книги, беџеви, магнети…), така и желбите, барањата, вкусовите на купувачите се различни. Да бидам искрена, постои  заинтересираност за секој производ.

Какви реакции добивате од младите, децата и туристите кога преку вашите производи ја запознаваат македонската култура?

Една од целите на Акреа е и преку современиот дизајн, да поттикнам запознавање со македонското културно наследство. Преку современиот производ и негово користење во секојдневието, културното наследство станува по достапно и прифатливо. Нескромно ќе кажам дека реакциите се исклучиво позитивни и воодушевувачки. Ме радува тоа што за кратко време овој концепт беше одлично прифатен и препознаен како нешто ново, единствено и креативно. Со гордост можам да кажам дека создадовме едно убаво и големо Акреа семејство.

Која е вашата мисија со Акреа и што планирате во иднина?

Плановите за иднината се многубројни. Идеите се движат во насока на моден дизајн, ликовна уметност, едукација и сопствен продажен простор.

Најново

Може ќе ве интересира