УЈП со ново важно известување за граѓаните кои скенираат „МојДДВ“ сметки
Апликацијата „МојДДВ“ повторно е достапна за сите корисници, откако изминатите денови голем број граѓани не можеа да ја користат за скенирање фискални сметки.
Од Управата за јавни приходи денеска соопштија дека проблемот е целосно отстранет и дека апликацијата повторно функционира и за корисниците на Android и за корисниците на iOS уреди.
„МојДДВ“, апликацијата преку која стотици илјади граѓани остваруваат поврат на дел од платениот ДДВ, беше недостапна пет дена. Корисниците во овој период пријавуваа проблеми со најавување и скенирање сметки, поради што не можеа редовно да ги внесуваат фискалните сметки во системот.
Според УЈП, прекинот во работењето бил предизвикан од технички прилагодувања и неопходна надградба на целиот систем.
По завршувањето на овие процеси, системот е повторно активен, а граѓаните можат да продолжат со користење на апликацијата и скенирање на фискалните сметки.
Апликацијата „МојДДВ“ е една од најкористените дигитални услуги во земјава, бидејќи преку неа граѓаните добиваат поврат на дел од ДДВ-то од секојдневните купувања.


