(ВИДЕО) Eли од Македонија на Work and Travel искуство во САД: „Саатницата ми е 14 долари, работам во продавница за сувенири, а телефоните ни се забранети

Сподели

Секоја година сè повеќе млади од Македонија се одлучуваат летото да го поминат надвор од дома, преку програмата Work and Travel. За некои тоа е можност за заработка, за други патување и авантура, а за многумина – прво вистинско искуство со самостоен живот далеку од семејството.

Реклама

Такво е и искуството на 21-годишната Елеонора Радеска, студентка од Македонија, која ова лето реши да замине во Соединетите Американски Држави преку Work and Travel програмата. Во специјално интервју за „Кафе пауза“, таа раскажува како изгледа нејзиното секојдневие во Америка, колку е тешко да се најде работа, што најмногу ѝ недостига од дома и зошто, и покрај сите предизвици, ја препорачува оваа програма на студентите.

Елеонора вели дека одлуката да замине во САД ја донела поради желбата за патување, нови искуства и запознавање различни култури.

„Отидов во САД бидејќи сум личност што многу сака да патува и да запознава нови луѓе и места. Тоа ми беше главната мотивација, а секако се надевам и на добра заработка“, вели таа за „Кафе пауза“.

Моментално работи во сувенирница и print shop, а нејзината саатница изнесува 14 долари. Како што објаснува, заработката зависи од бројот на работни часови, а во моментов има само една работа.

„Сè уште сум само со една работа. Втора работа навистина е тешко да се најде, особено пред да почне сезоната“, раскажува Елеонора.

Иако Work and Travel на прв поглед звучи како летна авантура, зад убавите фотографии и патувањата стојат и обврски, долги работни денови и потреба од добра организација. Елеонора признава дека може да биде напорно, но верува дека со правилен распоред и дисциплина сè може да се постигне.

„Може да биде напорно. Сè уште не е почната сезоната, но со добра организација сè може да се постигне“, додава таа.

За време на престојот во Америка користи eSIM картичка и има американски број. Сепак, за време на работните часови телефонот не смее да го користи, па го остава заклучен во шкафче.

Една од најважните работи што ги носи оваа програма, според неа, е токму можноста младите да излезат од својата комфорна зона. Нови луѓе, нови правила, нова средина и секојдневие во кое мораш сам да се снаоѓаш – сето тоа, како што вели, е искуство што те менува.

На прашањето дали би ја препорачала Work and Travel програмата, Елеонора одговара без двоумење.

„Да, навистина ја препорачувам. Особено за нас студентите, бидејќи ни нуди можност за нови авантури, искуства и запознавање на различни култури. Исто така, како студенти најлесно можеме да ја добиеме J-1 визата“, вели таа.

Но, престојот далеку од дома има и емотивна страна. И покрај возбудата, новите места и секојдневните случувања, носталгијата е неизбежна. Елеонора признава дека најмногу ѝ недостигаат најблиските.

„Најмногу ми недостигаат семејството и пријателите, а потоа и мојата земја, Македонија“, вели таа.

Од друга страна, она што веднаш ѝ оставило впечаток во САД е почитувањето на правилата во сообраќајот, но и уреденоста на јавните простори.

„Една работа што веднаш ја забележав во САД е колку се почитуваат правилата во сообраќајот. Исто така, многу ми се допаѓа колку се средени дворовите, парковите и јавните површини. Малите работи прават голема разлика во секојдневниот живот“, истакнува Елеонора.

Нејзината приказна покажува дека Work and Travel не е само можност за летна заработка, туку и искуство кое носи самостојност, нови навики и поглед кон светот од поинаква перспектива. За Елеонора, Америка е место каде што учи, работи, запознава нови луѓе и собира спомени, но и место од каде што уште повеќе ја чувствува вредноста на домот.

А токму тоа можеби е најголемата лекција од ваквите патувања – дека понекогаш треба да заминеш далеку, за уште повеќе да сфатиш што ти значи местото од кое доаѓаш.

Популарно

Може ќе ве интересира