Како да се справите со работата која ја мразите
Автори: Кристина Шумадиева и Виктор Милевски
Одлично би било доколку сите имаме креативна работа која максимално нè исполнува и каде што шефот и колегите се фантастични. Сепак во реалноста, голем број луѓе не ја работат нивната работа од соништата, ниту пак можат да ги поднесат условите во кои работат. Најчесто луѓето се прилагодуваат на условите, па така колку и да не си ја сакаат работата, сепак ја вршат поради една единствена причина, парите и егзистенцијата.Но, прашањето е дали можете да преземете нешто околу овој проблем? Овој пат нема да добиете совет дека ќе биде потребно да си ја пронајдете сопствената пасија, ниту пак да си го следите сонот, бидејќи тоа нема да ви помогне многу. Затоа е подобро самите да се обидете повеќе да си ја засакате вашата работна позиција или ако ништо друго барем да направите обид да се чувствувате поудобно додека ја вршите. Ова се два важни чекори кои можат да ви помогнат да го направите ова.
.
Чекор 1: Запишете ги сите нешта кои ви се допаѓаат кај вашата моментална работа
Направете список на сите поволности и позитивни работи кои ги имате и ги добивате на оваа работна позиција. Како на пример:
.
- Имам климатизирана канцеларија.
- Одлично се сложувам со колегата/колешката до мене.
- Здравствено сум осигурен.
- Со платата можам да си дозволам многу нешта.
- Секој петок попладне, со колегите одиме на пијалак.
Едноставно потрудете се да се фокусирате на позитивното, а тоа ќе ви помогне повеќе да си ја сакате работата. Ваквиот список може да ви даде идеја како да ги подобрите нештата. Па така, доколку се сложувате со колегите, можеби тоа ви отвора можност за поблиско пријателство со нив надвор од работното место.
Чекор 2: Запишете ги сите нешта кои сакате да ги промените во врска со вашата работа
Откако позитивно ќе ги насочите вашите мисли, доаѓа моментот кога треба да станете поконструктивни. Грабнете уште еден лист хартија и нацртајте една мапа на вашиот ум. Запишете ја секоја ситница или поважна работа, која сметате дека ќе ја направи работата која ја работите, позначајна и поинтересна во вашиот мозок. Не грижете се околу прашањата дали тоа навистина ќе се случи или не и дали е возможна мисија. Едноставно, запишете ги вашите мисли на хартија. Еве неколку идеи:
.
- Да почнам да одам порано на работа за да можам и порано да се приберам дома.
- Наместо да се досадувам додека патувам цел час накај работа и потоа накај дома, можам да го искористам времето слушајќи аудио книги или релаксирачка музика, која ќе ме инспирира да го издржам напорниот ден.
- Да побарам од шефот префрлување во друга канцеларија, бидејќи не можам да поднесам да работам во иста со колегата кој ме нервира.
- Да ги натерам моите надредени да ме ценат и пофалат за секоја добра работа која ќе ја завршам за фирмата.
- Кога ќе сметам дека имам сработено повеќе проекти успешно, да побарам покачување на платата од шефот.
Многу е веројатно дека некои од точките кои сте ги запишале на вашата листа, ќе бидат тешки за реализација. Можеби се надевате дека шефот и без да побарате, ќе ви ја покачи платата после Нова година и знаете дека можете да си најдете некаква секојдневна занимација додека патувате до работа и назад. Но, бидејќи немате магично стапче за реализирање на сите идеи одеднаш, одберете едно нешто од листата кое можете веднаш да го промените и уште едно кое ќе се потрудите да го реализирате во текот на наредниот месец.
Пронајдете начини да ги ставите вашите идеи под контрола. „Да се чувствувате ценето“ можеби е малку тешка задача, бидејќи не можете туку-така да ги натерате луѓето да ви даваат комплименти за добро завршената работа. Но, она што можете да го сторите, е да ги препрочитате старите имејл пораки од клиентите и да се присетите на нивните позитивни коментари и задоволство од добрата соработка која ја имале со вас. Ако и тоа не ви е доволно, разгледајте ги старите успешни проекти на кои сте работеле и потсетете се колку енергично и мотивирано сте се чувствувале тогаш. Можеби во моментов се чувствувате тотално бескорисно, но мотивот повторно ќе ви се врати. Треба само малку повеќе да поработите на себе.
Без разлика дали вашата работа е ужасна, просечна или прилично задоволителна, можете да ги употребите горенаведените чекори за да ја направите уште подобра. Почнете да ја пишувате листата уште денес и потоа известете нè како напредувате.
———————————————————————————————————————————————————————
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
da ja ostavis najubavo:)