Белгиски туристички пралини: Брисел, Бриж и Гент
Кога станува збор за Белгија, многу луѓе најпрво помислуваат на најдобрите пралини и чоколада, но постојат и три градови кои вреди да ги посетите уште оваа есен.
Брисел
Мирисот на топли вафли, вкусот на најквалитетното чоколадо во светот, централниот градски плоштад што е на списокот на најубавите плоштади во светот, домот на Европа во мало и низа други атракции – сето тоа е главниот град на Белгија, Брисел. Се препорачува да останете таму неколку дена и целосно да ги доживеете атракциите што никого не оставаат рамнодушен.
Во вечерните часови, Атомиумот нуди спектакуларно искуство. Изработен е во 1958 година за Светската изложба (Изложба 58). Овој зголемен модел на атомот на железо се состои од девет сребрени топки со дијаметар од 20 метри. Во неговите рамки можете да се шетате и да ги гледате изложбите, а на врвот има ресторан со панорамски поглед на градот. Не пропуштајте ја и инспиративната прошетка низ „Мини-Европа“ каде што ќе ги доживеете многубројните земји на Стариот Континент со сите свои сетила – поглед, слух и мирис.
Во земјата на најдобрите чоколада во светот, посетата на Музејот на чоколадото е неизбежна. Потоа, сите во Брисел ќе знаат како да ве упатат кон Манекен Пис, бронзената статуа на момче што уринира во фонтана која е една од најпознатите атракции на градот. Но, обидете се сами да ја пронајдете Женек Пис, статуата на малото девојче што уринира во фонтана.
Бриж
Без разлика дали во Брисел патувате приватно или деловно, останете таму еден ден повеќе за да уживате во вистинската убавина на средновековните градови околу него. Еден од нив е Бриж, чиешто средновековно срце е заштитено од УНЕСКО.
Прошетајте низ неговите улици со калдрма, разгледајте ги палатите и црквите, пијте кафе и уживајте во топлите вафли на главниот градски плоштад. На плоштадот се наоѓа и симболот на градот, камбанаријата „Белфорт“, која е висока 83 метри.
Посетете го комплексот „Бегинаж“ и погледнете ги црквите што се вистинска ризница на уметнички дела. Посетете и неколку од многуте музеи: на пивото, на чоколадото или на помфритот, на тортурата, на ламбите, на фолклорот итн. Изборот е ваш, а потоа одете во Гент.
Гент
Иако е помалку познат град и помала туристичка атракција од Бриж, вреди да поминете барем неколку часа во Гент. Високите кули се првото нешто што ќе го забележите во овој град и тие оставаат впечаток на моќ. Најмногу се истакнува „Белфорт“, симболот на независноста на градот.
И камбанаријата на катедралата посветена на св. Баво се истакнува со својата висина. Вреди да се погледне и во внатрешноста на оваа катедрала која е дом на многубројни уметнички дела. Најпознатото дело е гентскиот олтар, познато ремек-дело потпишано од браќата Ван Ејк.
Најголемата атракција на градот е Грофовиот замок „Гравенштајн“ кој буди чувство на сила и моќ. Прошетајте низ историскиот и универзитетскиот Гент, а потоа одете во еден од пабовите или рестораните долж каналот.
Пробајте „Ватерзои“ (традиционална супа од риба) и шунка „Ганда“, засладете се со путер колачи (со цимет и кафеав шеќер), со „Кубердон“ – слатки од капинки, со белгиски пралини и заокружете со некое од петте одлични пива кои се кријат зад називот „Грут“.
Ако сте љубител на патувањата, прочитајте кои се десетте најевтини европски градови за викенд патување.