Инстаграм инспирација: Запознајте ги Селма и Ајхан – најмодерниот пар во Македонија
Ајхан Туфекџи и Селма Велијоска Туфекџи имаат 28 години, од кои заедно се веќе 14. Тие се во брак 2 и пол години. Во нивниот град Кичево скоро сите ги знаеле по тоа што сакале да бидат поинакви и уникатни, па од тука ја добиле и идејата да направат блог за мода и животен стил за парови за да им послужат како инспирација на другите. Името СелмАки е скратено од двете нивни имиња, а блогот го отвориле во 2015 година.
1. Модата игра голема улога во вашиот заеднички живот, како што можеме да забележиме од вашиот Инстаграм профил. Како почна сè тоа? Дали отсекогаш сте биле фасцинирани од модата или тоа е нешто што го откривте заедно во вашата врска?
View this post on Instagram
Селма: Мене отсекогаш ме интересирала модата. Памтам уште од мала дома на телевизорот скоро нон-стоп ми беше пуштена програмата FashionTV, и со мајка ми со часови гледавме модни ревии. Исто така откако знам за себе сум се трудела да создадам некој интересен стил и сакам тоа што го облекувам да привлекува внимание.
Ајхан: Јас модата ја открив кога почнавме посериозно да излегуваме со Селма. За разлика од неа, не ме интересираше мода на помлади години. Важно ми беше само облеката што ја носам да е брендирана, без разлика како е искомбинирана. По некое време, Селма почна да ми зборува дека парчињата ми се добро одбрани, но да пробам малку поинакви, за мене чудни комбинации. Почнав да ја слушам и да експериментирам и после некое време ми се разви чувството за мода, и еве денес ми е многу важно како изгледам кога излегувам од дома, без разлика дали одам на работа, на кафе или до продавница.
2. Вашите модни комбинации се едноставно беспрекорни. Дали заедно ги планирате вашите аутфити (или пак, само еден од вас е стилистот) и како изгледа тој процес?
View this post on Instagram
Селма: Стилистот сум најчесто јас. Прво одбирам комбинација за себе, па после ја усогласувам таа од Ајхан. Обично усогласувам бои и стилови и гледам да изгледаме убаво како една целина. Најголемото правило пред излегување ни е заедно да се погледнеме во огледало за да видам дали изгледаме убаво еден до друг.
Ајхан: Јас можам да кажам дека тој процес е „гужва пред голот“. Мене не секогаш ми се допаѓаат комбинациите што Селма ќе ги избере за мене, но бидејќи сме „matching couple“ мора да направиме „компромис“ така што на крај јас ја одбирам комбинацијата за којашто таа ќе се одлучи ха-ха. Но, се случува и таа некогаш да се води според некоја комбинација што јас ќе ја одберам.
3. Колку време ви е потребно од моментот кога ќе почнете да разгледувате во вашиот шкаф (или во вашиот куфер), до објава на Инстаграм? Исто така, дали користите некој софтвер за обработка на фотографии и кои ви се омилените хаштагови со кои ги споделувате своите модни избори?
View this post on Instagram
Ајхан: Тука ни е поделена работата. Кога станува збор за објави на Инстаграм, Селма ги смислува комбинациите, а моја работа е да најдам локација и да направам фотографија. Потоа, објавата и обработката на фотографиите ја прави Селма со апликациите VSCO, Lightroom CC и Snapseed, а омилени хаштагови коишто редовно ги користиме во секој пост ни се #fashion #style #lifestyle #instacouple #couplegoals…
Селма: Процесот на планирање објави за Инстаграм е секогаш различен. Понекогаш имам моментална инспирација за тоа што сакам да го носиме, а понекогаш уште претходниот ден сум стилизирала добри аутфити, што дента треба да ги фотографираме. Се случува и некогаш да немам идеја како да изгледаме и што да облечеме бидејќи не сакам да објавувам неквалитетни и обични објави. Тогаш ѕверењето во шкафот знае да потрае најмалку 40-тина минути, а ако не можеме да најдеме локација уште дополнителен половина час. Кога не можеме да го погодиме кадарот или позата, е тогаш станува нервозно. Од друга страна пак, се случува целиот овој процес да го завршиме и за само 15 минути.
4. Кога патувате, дали се сметате себеси за личности што пакуваат премногу облека или пак, едноставно успевате да соберете сè во само едно куферче? И, како успевате да го задржите својот одличен стил кога го немате на располагање целиот ваш шкаф?
View this post on Instagram
Ајхан: Пакувањето кога патуваме некаде ми е многу смешен момент. Тогаш ве советувам да не ѝ се приближувате на Селма – во голема паника е, нервозна е, сака да земе буквално сè, иако ѝ се дозволени само 25 килограми. Куферот 100 пати е препакуван и премерен, а процесот на пакување почнува 2 недели пред тргнувањето. Јас лично мислам дека со неколку добро одбрани парчиња може да се направат многу добри комбинации така што нема потреба од тоа да спакувате еден тон алишта.
Селма: За мене пакувањето е многу стресен процес. Планирам комбинации за секој момент, сè ми е однапред испланирано во однос на тоа каде ќе одиме и што ќе носиме бидејќи сакам облеката да ни одговара со местата што ќе ги посетуваме и каде што ќе се фотографираме. Се плашам да не заборавам нешто или да не земам некој додаток што во одреден момент ќе ми притреба ако убаво ми одговара со аутфитот. Сепак, ми се случувало да имам ситуации кога немам многу избор на парчиња, сум дошла на кратко, а сум останала повеќе, и тогаш со едни исти парчиња правам различни комбинации и гледам дека многу добро испаѓа. Во тие моменти сфаќам дека квантитетот не мора да значи и квалитет.
5. За жал ниту еден човек не е отпорен на модни грешки, без разлика колку е развиено неговото шесто сетило за модата. Имајќи го ова на ум, која била вашата најголема модна грешка?
View this post on Instagram
СелмАки: Секако дека се случуваат утки, особено кога се комбинираат бои и принтови. Многу често кога ќе погледнеме некоја слика од поодамна си наоѓаме маана – утка на комбинација со боите или парчиња кои баш не си одговараат едно со друго. Тоа е нормално, со текот на времето учите нови работи и собирате искуство и доколку се погледнете себеси на фотографија од претходната година и гледате грешка тоа значи дека модно растете, што е добар знак.
6. И за крај, каков совет би им дале на паровите што сакаат да останат во чекор со модата и да изгледаат едноставно неверојатно секојпат кога ќе излезат од дома заедно?
View this post on Instagram
СелмАки: Нека следат и нека црпат инспирација од што е можно повеќе познати и признати луѓе во модата, било да се од светот или од Македонија. Нека испробуваат нови комбинации и парчиња, нека експериментираат. Најчесто усогласеноста во бои успева, но не мора да се во иста линија (горе црвено двајцата – долу црно двајцата). Доколку сакаат да искомбинираат некое парче, а немаат идеја како, слободно нека разгледаат на Инстаграм или на Пинтерест како тоа го направиле другите и со тек на време ќе си оформат стил и чувство за мода. И да, заедничкото гледање во огледало пред излегување многу помага! 😉
Прочитајте ги и модните совети од блогерката Теона Манго: Препознатливоста лежи во стилот, а не во трендот!