ТВ серија: Морничавите авантури на Сабрина (The Chilling Adventures of Sabrina)
Со наближувањето на својот 16-ти роденден, Сабрина мора да одбере помеѓу светот на вештерките и вештерите (каде што е нејзиното семејство) и човечкиот свет (каде што се нејзините пријатели)
Главни улоги: Кирнан Шипка, Рос Линч, Луси Дејвис
Жанр: драма, фантазија, хорор
Креатори: Роберто Агире-Саркаса
Премиера: 26 октомври 2018
Број на сезони: 1
Времетраење: 60 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Се сеќавате на ТВ серијата „Сабрина, вештерката тинејџерка“ од 90-тите? Станува збор за семејна комедија, во која една 16-годишна девојка дознава дека е вештерка и нејзините тетки ќе се обидат да ѝ помогнат да се справи со новиот свет којшто ќе се отвори пред неа, додека паралелно се обидува да живее и во стариот. Се сетивте? Одлично. Сега заборавете на сè тоа! „Морничавите авантури на Сабрина“ ја користи истата основа како првата серија – 16-годишна вештерка што живее со своите две тетки, кои исто така се вештерки. Но, тука завршува секоја сличност меѓу двете приказни. Овој пат, инспирацијата доаѓа директно од стрипот за младата Сабрина.
Оваа ТВ серија е комбинација од мелодрама, фантазија и окултен хорор. Тоа значи и дека не е за сечие срце. Да, главниот лик има 16 години, но тоа воопшто не ја прави приказна за помладите. Баш напротив. Подгответе се за безрезервно обожување на ѓаволот, играње со умот на смртниците, и многу, многу крвави убиства, проследени со рецитирање антички магии и одлични специјални ефекти. Сабрина е сместена во универзумот на Арчи, па ако ја гледате ТВ серијата Риверјдел, ќе забележите и многу суптилни поврзаност помеѓу двете.
А сега, да преминеме на главното – приказната. Сабрина (Кирнан Шипка) е половина вештерка, половина човек. Татко ѝ бил вештер, додека пак, мајка ѝ обичен смртник. По нивната смрт, сестрите на татко ѝ, кои исто така се вештерки, ја примиле во својот дом и ја одгледале. Дејството ја следи Сабрина, која го очекува својот 16-ти роденден, кога треба да се случи нејзиното темно крштевање, односно кога таа треба официјално да стане дел од Црквата на ноќта и да се придружи на моќниот круг вештерки што го обожуваат ѓаволот. Но, за да го направи ова, Сабрина мора да се откаже од целата поврзаност со нејзиниот смртен живот, што воопшто не е лесно за неа. Но, можеби ќе успее да најде начин и да стане дел од двата света?