Истражување од Стенфорд: Не можете да ја најдете вашата страст, треба да ја создадете
Според едно истражување спроведено од страна на тројца истражувачи од Универзитетот Стенфорд, популарните изреки како „Следете ја вашата страст“ создаваат верување дека следењето на страста е лесно.
Но, вашите интереси не се целосно формирани и подготвени за целото патување. Напротив, тие бараат постојана работа и мора активно да ги преземате потребните чекори за да ги развиете вештините што ќе ви овозможат да ја исполните вашата цел. Најчесто, ако сакате да ја развиете вашата страст, тоа ќе биде далеку од лесно. Ќе ви бидат потребни денови, недели, месеци, па дури и години напорна работа за да ги остварите соништата.
Пол Окиф, Керол Двек и Грегори Волтон спровеле низа лабораториски истражувања со кои ги испитувале системите на верување што ги воделе луѓето до успех или неуспех. Испитаниците имале страст или за наука, технологија, инженерство и математика, или за општествени науки и уметност. 470-те испитаници биле набљудувани додека гледале видеа и читале за темите коишто ги интересираат. Се покажало дека испитаниците кои биле опседнати со една тема имале помали шанси да го разберат материјалот или да ги завршат текстот и видеото.
Истражувачите заклучиле дека фокусирањето на една страст значи дека луѓето помалку забележувале други нови потенцијални теми што би ги интересирале. Волтон верува дека овој ограничен поглед може да биде клучен за успехот на личноста.
„Многу напредоци во науката и бизнисот се случуваат кога луѓето спојуваат неколку области заедно, кога луѓето гледаат нови поврзаности помеѓу полињата што не ги забележале пред тоа. Ако сте премногу ограничени и посветени на само една област, ова може да ве спречи да развиете интерес и способности што ќе ви бидат потребни за вашата работа. Ако погледнете нешто и помислите дека ви е интересно и можете да придонесете, тогаш ќе инвестирате во таа област. Ќе потрошите време за тоа, ќе се соочите со предизвици, и со текот на времето ќе изградите посветеност.“
Ако сте ограничени и верувате дека интересите се вродени, поголеми се шансите да не ве интересираат нови теми. Но ако верувате дека интересите се развиваат, ќе верувате дека можете да станете попаметни или подобри во нешто, а ова има поголема шанса да ви даде позитивен резултат. Бројот на интереси што можете да ги имате е бесконечен, па проширете го вашиот фокус. Ако можете да го направите ова, можете да постигнете многу повеќе отколку што сте мислеле.
Дознајте и кои се стратегиите за успех на ментално силните луѓе.