3 чудни и изненадувачки начини на кои музиката влијае на вашето здравје
Прашајте кого било, студент кој подготвува испит или бизнисмен со напорна недела, и ќе ви каже дека музиката навистина го менува расположението. Се разбира, најверојатно и вие сте го почувствувале тоа.
Но освен засилувањето на емоциите, дали постојат научно докажани придобивки од музиката? Дали таа има траен ефект на начинот на којшто размислувате, чувствувате, па дури и учите? Погледнете што велат истражувањата за овие прашања.
Музиката го намалува стресот кај професиите со висок ризик
Дали сте зафатен забавувач, бизнисмен под стрес, или лекар кој работи премногу? Почнете да слушате музика.
Едно истражување ги разгледувало ефектите на музиката кај медицински сестри на должност. Во испитувањето учествувале 54 медицински сестри кои биле поделени во две групи. Првата група слушала релаксирачка музика 30 минути, а втората група седела во удобен стол без музика 30 минути.
По половина час, и двете групи биле тестирани за сигнали на стрес. Медицинските сестри кои слушале музика покажале пониско ниво на кортизол, забавено чукање на срцето и малку намален крвен притисок. Ефектот бил привремен, но го докажал верувањето дека музиката го намалува стресот. Всушност, ова е само едно од бројните истражувања кои го докажале ова тврдење.
Музиката може да ве направи попаметни, барем привремено
Кога сте учеле, голема е веројатноста да сте слушале музика. Можеби сте забележале дека тоа ви ја подобрува концентрацијата, особено ако требало да решите некој проблем. Всушност, музиката навистина ве прави попаметни, а оваа појава е позната како ефектот Моцарт.
Во 1993-та година истражувачите од Универзитетот во Висконсин тестирале 36 студенти со 3 разни задачи. Задачите биле поврзани со меморијата и со способноста за решавање апстрактни проблеми, нешто што би го сретнале во математиката. Пред секоја од задачите студентите слушале разна музика – дело од Моцарт, релаксирачки звуци од природата и за третата задача не слушале ништо.
Кога ги разгледале резултатите, истражувачите откриле дека студентите покажале многу подобри резултати по слушањето на делата на Моцарт. Нивниот перформанс се подобрил за 7% во просек.
Перформансот на студентите не се подобрил по слушањето на природните звуци. Научниците заклучиле дека делата на Моцарт, или кое било комплексно класично музичко дело го стимулира мозокот и ја подобрува концентрацијата. Иако и овој ефект бил привремен и траел само 10-15 минути, ова е сосема доволно да се заклучи дека музиката навистина ве прави попаметни.
Музичката терапија може да ги намали симптомите на оштетување на мозокот
Истражувањата покажале дека музичката терапија може да ги намали, па дури и целосно да ги отстрани симптомите на сериозните медицински нарушувања како Алцхајмер. Во истражување спроведено во Исланд учествувале 38 пациенти со напредна фаза на Алцхајмер и биле поделени во две групи. Едната група била натерана да посетува музичка терапија 6 недели. Другата група се користела за контрола. За време на и по периодот од 6 недели, пациентите биле тестирани со тест чија цел е одредување на симптомите на Алцхајмер како агресивност, параноја, анксиозност, халуцинации и слично. Истражувањето покажало дека пациентите кои подлегнале на музичка терапија имале намалени симптоми. На пример паранојата се намалила за речиси 50%, а анксиозноста за 30%.
И ова не е единственото истражување што ја потврдува врската помеѓу музичката терапија и здравјето на мозокот. Друго истражување покажало дека музичката терапија може да го подобри расположението и социјалната интеракција кај пациенти со сериозни повреди на мозокот.
Во ова истражување учествувале 18 пациенти кои биле поделени во конвенционални програми за рехабилитацијата и програми за рехабилитација со музичка терапија. Истражувањето покажало дека пациентите кои биле третирани со музичка терапија имале подобро расположение, биле посреќни и посоцијални со членовите од семејството и соработувале во третманот со нивните негуватели.
Музиката е навистина неверојатна. Таа го подобрува вашето расположение, ги засилува емоциите и ве тера да танцувате. Исто така го подобрува менталниот перформанс, го намалува стресот, па дури ги намалува и физичките симптоми од некои болести. Па, следниот пат кога сте под стрес пуштете ја омилената песна и уживајте.
Дознајте и кои видови музика ја зголемуваат вашата продуктивност.