Филм: Дедпул 2 (Deadpool 2)
Вејд Вилсон создава нов тим суперхерои, познат како Икс-форс за да заштити мало момче од патник низ времето
Режија: Дејвид Лич
Улоги: Рајан Рејнолдс, Џош Бролин, Зази Битс, Т. Џ. Милер
Времетраење: 120 минути
Премиера: 18 мај 2018
Јазик: англиски
Жанр: акција, авантура комедија
Наша оценка: 7/10
Ваша оценка:
Кога излезе првиот Дедпул во 2016 година, никој не се надеваше на голем успех. Но, филмот ги надмина сите очекувања и успеа да се запише во историјата како еден од најуспешните филмови со суперхерои на големото платно. Тој е толку добар, што можете и 100 пати да го изгледате, и повторно да се смеете на истите сцени со истиот интензитет како и при првото гледање. Имајќи го ова на ум, второто продолжение не успеа да го достигне тој степен на забава. Сепак, тоа не значи дека не треба да се гледа. Баш напротив.
Рајан Рејнолдс продолжува со својот беспрекорен перформанс, претставувајќи ни го Вејд Вилсон во најбруталната верзија досега. Незрелите шеги, темниот хумор и крвавите сцени го задржуваат истиот степен како и во претходниот филм, додека емоционалните моменти се зголемени до тој степен што ќе ве погодат право во срце (бидете подготвени за неочекувани пресврти!). Има и неколку нови ликови, како Домино (Зази Битс) и Јукио (Шиоли Кутсана) што инстантно ќе ви го освојат срцето. Тука вреди да се спомне и добро познатиот Кејбл (Џош Бролин), кој ќе воведе сосема нова димензија на приказната.
Што се однесува до самата приказна, дејството се врти околу битката помеѓу Дедпул и патникот низ времето, Кејбл, што ќе доведе до создавање нов тим суперхерои (Икс-форс) со цел да се спаси животот на Расл (Џулијан Денисон) – млад мутант што бил малтретиран поради своите моќи. Како и по обичај, целата низа лоши настани ќе започне токму од Дедпул, кој однесувајќи се како и секогаш порано (како бесчувствително ѓубре) ќе придонесе за раѓањето на мало чудовиште со потенцијал да одземе безброј човечки животи во иднината. Но, тој ќе ја разбере својата грешка, со помош на прекрасната Ванеса, и ќе се обиде да ги поправи нештата пред да тргнат во неповрат. Да, Вејд Вилсон навистина имал понежна страна!