Жените почесто страдаат од мигрени, а науката е блиску до откритие зошто е тоа така
Мигрените се фрустрирачка мистерија што ги излудува и најдобрите лекари, бидејќи кај секој пациент причините и лечењето се различни. Група лекари и научници сметаат дека откриле дел од комплицираната сложувалка на оваа клиничка слика. Според новото откритие, виновник за честата појава на мигрени кај жените може да биде протеин на кој влијаат нивоата на естроген.
Еден од 10 луѓе во светот страда од мигрена, а 75 проценти од вкупниот број се жени. Исто така, искуството покажало дека стандардната терапија е поефикасна кај мажите, отколку кај жените. На овогодишниот семинар за експериментална биологија во Сан Диего биле презентирани најновите сознанија за поврзаноста на протеинот NHE1 и појавата на мигрени.
Овој протеин го регулира протокот на јони на натриум низ клеточната мембрана, вклучувајќи ги и мембраните кои го насочуваат протокот на крв низ мозокот. Кога неговите нивоа се прениски, тогаш не ја извршува функцијата, се зголемува ризикот за мигрена. Исто така, нерегуларните нивоа на NHE1 го нарушуваат и правилниот проток на протони и јони на натриум во мозокот, па затоа и лековите не можат да ја „поминат“ бариерата меѓу мозочната обвивка и крвните садови, со што болката тешко се третира.
Во лабораториска анализа на концентрацијата на NHE1 во мозокот на машки и женски лабораториски глувци, се покажало дека кај машките единки нивото е повисоко и до 4 пати. Кај женските, пак, нивоата на естроген значајно влијаат на овој протеин, па така кога естрогенот е висок, концентрацијата на NHE1 е најниска.
Поврзаноста на нивоата на естроген и мигрените е одамна докажана, но науката немаше конкретни докази зошто тоа се случува. Ова откритие би можело да помогне за истражување и создавање нови, поефикасни лекови, со кои ќе може да се олеснат симптомите кај жените кои страдаат од мигрена. Доколку тоа се случи, новосоздадената терапија целосно ќе го смени животот на многу луѓе во светот, со оглед на тоа што мигрената е едно од трите најзастапени нарушувања кои предизвикуваат целосна неспособност за работа. Поради тоа, следниот чекор во ова истражување е токму пронаоѓањето комбинација на лекови кои ќе ги балансираат нивоата на естроген и NHE1 во мозокот.
Дознајте и кои 7 грешки во исхраната предизвикуваат главоболки и мигрени.