Како да препознаете високо функционална анксиозност?
Современиот брз живот што изобилува со стрес и несигурности претставува совршен темел за создавање различни видови нарушувања на анксиозноста. Тука спаѓа и високо функционалната анксиозност, којашто не е прифатена од страна на експертите и не се наоѓа во стандардните психолошки книги. Не е лесно да се дефинира што точно е анксиозноста. Сепак може слободно да се каже дека таа е сосема различна од стравот – емоција што се појавува кога постои плашење од објектот пред нас или ситуацијата во која се наоѓаме. Од друга страна пак, анксиозноста е замислата за остварување на нашите стравови.
Имајќи го ова на ум, иако високо функционалната анксиозност сè уште не е официјална психолошка дијагноза, многу психолози ја забележуваат во своите пациенти. Оние кои страдаат од овој вид анксиозност често оставаат впечаток на успешни, насочени и амбициозни луѓе. Тоа што можеби дури ни тие самите не го знаат, е дека нивниот успех најчесто се крие во нездрави емоции. Па, ако и вие се сомневате дека имате високо функционална анксиозност или пак, мислите дека ја гледате во некој од вашите блиски, прочитајте ги следните 4 знаци кои укажуваат на нејзиното постоење…
1. Перфекционизам
Овие личности не оставаат простор за грешки. Тие совршено ги завршуваат своите работни обврски, а истото може да се каже и за домашните. Тие исто така се и одлични партнери и родители. Перфекционистите се исклучително мотивирани личности со големи цели и соодветно составени планови за нивното остварување.
Тоа што не се забележува лесно кај овие личности е мотивот зад нивниот успех. Тие не се толку успешни затоа што ја сакаат работата, туку затоа што постојано се плашат да не ја изгубат истата. Овие личности живеат во константен страв дека нема да ги завршат сите обврски, па затоа и постојано се трудат да бидат пред роковите.
2. Зафатеност
Ако некој има високо функционална анксиозност, големи се шансите дека ќе направи сè што е во негова моќ за да избегне дури и неколку минути самотија или одмор. Причината за ова однесување е тоа што за овие личности одморот е синоним за грижи, па секогаш кога ќе имаат време за себе, мозокот им е преплавен со стравови.
Затоа и тие постојано ги избегнуваат годишните одмори, или пак ако мора да ги искористат, самите си измислуваат нова работа – нешто корисно што ќе може да им ги одвлече мислите. Најчесто ова однесување води кон позитивни реакции на работното место. Кој не би сакал да има работник кој постојано се унапредува себеси?
3. Несоница
Иако луѓето со високо функционална анксиозност успеваат да ги избегнат негативните мисли во текот на денот, тие едноставно немаат начин како да ги стишаат во текот на ноќта. Во истиот момент штом ја допрат главата на перница нивниот мозок се активира и тие едноставно не можат да заспијат од грижи.
4. Не знаат да кажат „НЕ“
Покрај целиот багаж што го носат на своите рамена, тие исто така се борат и со очекувањата на другите. Затоа и постојано прифаќаат да помогнат, иако реално немаат доволно време дури ни за решавање на своите обврски или проблеми. Тие веруваат дека ако некого го одбијат, позитивниот впечаток за нив ќе исчезне.
Ова е една од главните причини зошто тие се растргнати на сите страни и едвај успеваат да стигнат со своите обврски. Неретко остануваат прекувремено на работа, а кога се дома, не си легнуваат до раните утрински часови за да можат да завршат сами сè што намислиле. На крајот од денот тие се толку уморни што престануваат дури и да се грижат за себе.
Прочитајте и како навистина изгледа животот со анксиозност!