Дали ве боли грбот, но ниту една терапија не ви помага? Можеби имате ТМС!
Доктор Џон Е. Сарно е американски професор по рехабилитациска медицина и автор на многубројни научни истражувања, вклучувајќи ја и книгата „Како да ја излечите болката во грбот?“. Уште пред 30 години, тој ја открил причината за болките во грбот и вратот.
Сарно заклучил дека умот може да влијае на физиолошките процеси во телото, па така и на болките во грбот кои се од психосоматска природа. Доктор Сарно на многу пациенти им го дијагностицирал синдромот на тензичен миозитис или скратено ТМС.
Станува збор за болна состојба на мускулите, нервите, тетивите и лигаментите која е предизвикана од напнатоста, односно од потиснатите емоции. Многу луѓе мислат дека нивните болки во грбот се предизвикани од страна на дијагностицираната хернија на дискот, вклештување на нервите или сколиоза, но всушност боледувале од ТМС.
Како да се препознае тензичниот миозитис?
Дали сте на возраст помеѓу 30 и 60 години. Дали многу често чувствувате необјасниви болки во мускулите на вратот, рамената и грбот а истовремено се соочувате со животни предизвици, како на пример, добивање отказ од работа или болест на некој близок член од семејството? Доколку се препознавте во сето ова, можно е да имате тензичен миозитис.
Луѓето на гореспоменатата возраст се соочуваат со зголемена одговорност и стрес, а тоа се главните виновници за напнатоста и потиснатите емоции. Но, доктор Сарно истакнува дека иако тензичниот миозитис потекнува од емоционални причини, сепак главната причина е физичка, односно станува збор за физиолошко нарушување.
Тензичниот миозитис ги зафаќа постуралните мускули, а тоа се мускулите на страничниот дел од вратот, мускулите и нервите долж целиот грб и лигаментите и тетивите во рацете и нозете. Најчесто се јавува во мускулите на долниот дел од грбот, вратот и на врвот на рамената. Личноста која има ТМС може да чувствува остри и трајни болки или притисок, трпнење и слабост.
Што имаат заедничко луѓето кои страдаат од ТМС?
Кај луѓето со ТМС заедничко е тоа што почетокот на нивните болки е поврзан со одредена животна траума или промена. Може да станува збор за болест во семејството, нова работа, стапување во брак, финансиска криза и слично. Овие луѓе најчесто се перфекционисти кои имаат силно чувство на семејна одговорност.
Луѓето кои имаат тензичен миозитис се многу самокритични и имаат силна желба да успеат во животот. Но, зад сето ова, се крие чувство на инфериорност и слаба самопочит.
Што се акутни напади и силни болки во мускулите?
Кога ќе се случи акутен напад на ТМС, тоа може да биде многу болно, мускулите се грчат и секое движење може да биде неподносливо. Слично како и со обичните грчеви во мускулите кои сите повремено ги чувствуваме, и овие грчеви се јавуваат поради недостаток на кислород, со таа разлика што грчевите предизвикани од ТМС може да траат многу долго.
Иако акутниот напад на тензичен миозитис е многу силен, тој е безопасен. Појавата на ТМС може да биде поттикната од страна на физичка незгода, но и почеток на одмор. На пример, за време на некој тежок животен период, како на пример финансиска криза или смртен случај во семејството, личноста сѐ уште не чувствува болки. Но, штом кризната ситуација помине, насобраните потешкотии почнуваат да избиваат на површина и се случува првиот акутен напад.
Многу луѓе кои имаат тензичен миозитис почнуваат да чувствуваат болки пред, во текот и после големи празници или годишен одмор. Поради стравот од силните болки, поголемиот дел од заболените од ТМС ги одбегнуваат сите физички активности кои бараат не само физички напор, туку и обични движења како наведнување. На тој начин се ограничуваат себеси и уште повеќе си ја отежнуваат состојбата.
Стресот е најчестата причина за ТМС
Стресот што го чувствувате во секојдневниот живот обично води кон напнатост. Под „напнатост“ доктор Сарно го подразбира притисокот што го чувствувате поради присутноста на одредени емоции во потсвеста. Потсвеста е живеалиштето на сите наши чувства. Потеклото на ТМС се наоѓа токму во тој несвесен дел од нашето битие.
Кога се работи за ТМС, најчесто ги потиснуваме анксиозноста, лутината и чувството на пониска вредност, бидејќи тоа се емоциите што сакаме да скриеме од надворешниот свет. Со оглед на тоа што не им дозволуваме на тие емоции да избијат на површина, тие автоматски се засолнуваат во потсвеста.
Потиснатите емоции како што се лутината и анксиозноста, влијаат на автономниот нервен систем кој го намалува протокот на крв и кислород во одредени мускули, нерви, тетиви и лигаменти, поради што настанува болката и другите нарушувања.
Дури 88% од луѓето со ТМС имале и други нарушувања кои се поврзани со напнатоста, како на пример, чир на желудник, мигрена, колитис и слично. Сите овие нарушувања се поврзани со потиснатите емоции.
Физичката болка претставува одбрана од потиснатите емоции
Потребата за потиснување одредени емоции, како што се лутина или бес, обично се јавува како последица од влијанието на родителите. На пример, една мајка добила упатство да го полева со вода својот син секогаш кога тој ќе има напади на лутина. Тоа момче станало добар кандидат за ТМС, токму поради тоа што некој му создал навика да ја потиснува лутината.
Ние се браниме од потиснатите емоции на тој начин што го насочуваме вниманието кон нешто друго. Во овој случај, умот го свртува нашето внимание од непожелните емоции кон физичката болка. Со оглед на тоа што овие болки се силни, многумина кои боледуваат од ова нарушување не сакаат да прифатат дека ТМС има некаква врска со емоциите. Тие се уверени дека нивните болки се предизвикани од страна на некоја физичка повреда, што не е точно.
Според доктор Сарно, колку што е поболна потиснатата емоција, толку е посилен интензитетот на физичките болки. Но, еднаш кога личноста ќе ги признае тие емоции и ќе му дозволи на гневот да излезе на површина, болките мистериозно исчезнуваат.
Прочитајте ја и скриената причина за болката во долниот дел од грбот.