Поучна приказна со длабоко филозофско значење: Дамокловиот меч
Приказната за Дамокловиот меч е многу кратка, но интересна и поучна. Дамокло бил еден од најблиските и најлојалните соработници на Дионисиј Постариот, тиранот кој владееле со Сиракуза во Стара Грција. Дионисиј живеел во раскошен дворец, бил многу богат и влијателен, а со своето држење предизвикувал стравопочит кај сите негови поданици.
Сите му завидувале поради неговата положба и луксузен живот, а најмногу неговиот близок соработник Дамокло. Својата завист Дамокло ја искажувал на многу лукав начин. Тој го фалел неговиот господар, ги истакнувал неговите доблести и среќата што му ја подариле боговите за да живее мирен живот во изобилство и благосостојба.
„Ти си најсреќниот човек на светот!“, му зборувал Дамокло на тиранот Дионисиј.
Но, самиот Дионисиј знаел дека на сите владетели им се закануваат големи опасности. Тоа му го покажал и на ласкавецот Дамокло во една прилика на многу очигледен и духовит начин. Тој приредил богата гозба во неговиот замок и ги поканил сите угледни луѓе од околината, меѓу кои и Дамокло.
На големо изненадување на сите присутни, а најмногу на самиот Дамокло, Дионисиј го поставил него на свое место и му овозможил во таа прилика да го почувствува задоволството од неограничената власт и почит. За време на гозбата, Дамокло здогледал еден остар меч како виси над неговата глава, закачен на тенко коњско влакно, кој делувал како да ќе се откачи во секој момент и ќе го удри право во темето.
Во таа ситуација, Дамокло почувствувал голем страв. Не сакал веќе ни да јаде ни да пие, а задоволството што го обземало поради почестите што му биле укажани се претворило во ноќна мора. Тогаш му се приближил Дионисиј и му објаснил дека мечот кој виси на тенок конец над неговата глава е симбол на опасностите што му се закануваат на секој владетел, па затоа мора да знае дека владетелската среќа е само привидна.
„Ете, во такви услови уживам јас во моето богатство и моќ“, завршил Дионисиј.
Од оваа приказна потекнува изразот „Дамоклов меч“ што значи „постојана закана за опасност“. Приказната за Дамокловиот меч има свое филозофско значење за лажното задоволство и среќа на владетелите, но и за непостојаноста на сите власти и сили ширум светот.
Дамокловиот меч постојано им се заканува на сите власти. Добро е кога владетелите се свесни за тоа како тиранот Дионисиј, кој му покажал на завидливиот Дамокло какви се последиците од владетелската среќа и задоволство.
Доколку ви се допадна приказната за Дамокловиот меч, прочитајте ја и следнава поучна приказна за да дознаете што вреди повеќе од најскапоцениот дијамант на светот.