Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Иако многу луѓе се свесни за придобивките од танцувањето, малкумина се осмелуваат навистина да навлезат во светот на танцот. Сигурно знаете дека танцувањето може да ви помогне во одржувањето на фигурата на забавен начин, да ве опушти, да ве ослободи од негативната енергија, но и да ви ја зголеми самодовербата. Па, кој е вашиот изговор за тоа што сѐ уште не сте почнале да посетувате часови по некаков танц? Мислите дека сте неталентирани и дека имате две леви нозе? Се плашите дека другите ќе ви се смеат? Не се чувствувате пријатно додека танцувате, бидејќи не сте доволно сигурни во себе? Заборавете на сите ограничувања кои ве кочат, зашто буквално сите можат да танцуваат! Сѐ што треба да направите е да го пронајдете идеалниот танц за вас.

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Во продолжение, ние ќе ви дадеме неколку интересни предлози, а вам ќе ви преостане само да го одберете танцот што најмногу ве привлекува, да си пуштите музика и да го разбудите танчарот во себе…

ЗОШТО ТРЕБА ДА ТАНЦУВАТЕ…?

Регетон

Ја помните песната „Gasolina“? На времето немавме поим за каква музика станува збор, туку само се „тресевме“ следејќи го нејзиниот забавен ритам, но денес знаеме дека се работи за регетон. Регетон музиката полека почнува да го освојува светот и моментално тоа е најпопуларниот жанр што го слушаат луѓето благодарение на Деди Јенки, Џеј Балвин и компанија. Отприлика сите знаеме како звучат регетон песните, но за да го дознаеме потеклото на овој вид музика, ние му се обративме на еден од најдобрите регетон танчари на Балканот, Немања Лазовиќ од Нови Сад, Србија.

„Овој правец во музиката се поврзува со 70-тите и 80-тите години, кога Јамајканците дошле во Панама поради изградбата на Панамскиот канал. Тие со себе ја донеле и својата култура, каде што водечка улога имала музиката. Комбинацијата од латино поп музика и јамајканско реге ги создала 2-та нови музички правци: Регетон и денсхол (dancehall). И двата претставуваа мешавина од 2 култури, меѓутоа во регетонот преовладуваат латино звуците, а во денсхолот јамајканскиот реге звук“, ни откри Немања.

Тоа значи дека доколку сте љубители на латино и реге музиката, овие хибридни музички жанрови со сигурност ќе станат вашите омилени! Но, ако си пуштите регетон песна, нема да можете само да ја слушате, бидејќи ритамот веднаш ќе ве понесе и ќе ве натера да заиграте. Немања е уверен во тоа!

„Причината поради која уживам во регетонот лежи во една негова верзија, позната како кубатон. Според мене, разликата помеѓу регетон и кубатон се самите изведувачи. Артистите од Порторико и Панама повеќе внимание обрнуваат на хип хоп звуците, што музиката ја прави за нијанса потврда, повеќе удира на рап. Кубатон артистите се воглавно од Куба и нивната музика е доста поенергична и повесела. Иако текстовите и во регетон и во кубатон песните се доста двосмислени, понекогаш и провокативни, самиот ритам нема да ви даде мир! Мене тие звуци ми делуваат како дрога! Никогаш не ми е доста од нив“, објаснува Немања.

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Па, зошто би требало да танцувате регетон? Одговорот е многу едноставен!

„Регетонот ќе ви помогне да стекнете контрола над вашето тело и да запознаете нова култура. Несомнено е тоа дека во интервал од саат време (колку што трае еден час по регетон) ќе примите огромно количество позитивна енергија. Освен тоа, добро е за линијата“, препорачува Немања.

После сите овие аргументи, сигурни сме дека уште веднаш сакате да почнете со часови. Ако мислите дека кај нас нема можност за изучување регетон, сте се излажале.

„Многу сум среќен што регетонот полека се буди во сите екс ЈУ земји. Можам слободно да кажам дека благодарение на Нина Лековска, Македонија ги има сите предиспозиции да стане една од најсилните регетон/кубатон сцени на овие простори“, завршува Немања.

Нина Лековска е сопственичка на танцовиот клуб „Sonrisa“ каде што веќе неколку години активно се нудат часови по овој танц, а бројот на заинтересирани сѐ повеќе се зголемува. И таа ни откри како се чувствува додека игра регетон и зошто би ви го препорачала…

„Кога танцувам регетон, јас сум слободна, бескрајно креативна, максимално самоуверена, исто како да сум на улиците во Куба (иако никогаш не сум била) заедно со најголемите кубански мајстори, како Мајкл Фонтс, Јени Молинет, Јанет Фуентес и многу други. За време на тие неколку секунди, додека ритамот на регетон песните поминува низ моето тело, се чувствувам среќно, исполнето и мислам дека светот е мој. Дефинитивно би им го препорачала на луѓето кои сакаат да ја доживеат Куба, нејзината култура, музика и ритам. Регетонот ќе им овозможи да заборават на сѐ, барем за момент, да ѝ се препуштат на музиката, да се изненадат од тоа колку добро изгледаат додека танцуваат и од сите тие движења што може да ги направи нивното тело“, изјави Нина Лековска.

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Па, доколку ви се допаѓа овој вид музика, сакате да се забавувате и да ги откриете сите тајни способности на вашето тело, нема да погрешите доколку почнете да танцувате регетон. Доколку сѐ уште не ве убедивме, погледнете како овие девојки танцуваат во ритамот на Куба, предводени од страна на Нина Лековска.

Салса

Салсата е еден од најпознатите латино танци што се изучуваат кај нас и многумина ги знаат барем основните чекори. Сигурно ви се случило да се најдете на некоја забава каде што сите се вртеле и танцувале во ритамот на салсата. Признајте дека сте посакале да бидете дел од нив! Па, што ве спречува?! Салсата е еден вид зависност, а тоа го докажува и примерот на Димитар Мишев од танцов клуб „Sonrisa“ кој не може да си го замисли животот без салса.

„Кога играм салса се чувствувам одлично, позитивно и среќно. Со оглед на тоа што танцувам долго време, се имам навикнато и ако не играм недела-две, многу ми недостасува танцот. Така најчесто се чувствувам кога одам на одмор и нема салса…“, открива Димитар.

Несомнено е тоа дека салсата буди посебен вид емоции, а можеби и самите сте забележале дека луѓето кои танцуваат салса се издвојуваат од останатите.

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

„Луѓето кои играат салса се среќни, имаат убава и пријатна енергија. Убаво се чувствувам кога сум меѓу такви луѓе, бидејќи забавите се позитивни и опуштени, за разлика од другите типови забави каде што можете да видите сѐ и сешто“, признава Димитар.

Покрај тоа што салсата ќе ве наполни со позитивна енергија, таа може да ве опушти и релаксира. Тоа го потврдува и танчарот Илија Карадакоски од студиото „Eat The Beat“.

„Кога танцувам салса, се ослободувам од стресот и негативната енергија, уживам во музиката и во самото движење. Овој танц им го препорачувам на сите, бидејќи сите имаме секојдневни проблеми и се полниме со негативни вибрации, а додека танцувате, не само салса, туку кој било танц, ќе се ослободите, ќе ја зголемите самодовербата и ќе се наполните со позитивна енергија. Пробајте, ќе ви го промени животот“, објаснува Илија.

Со танц до ѕвездите: Зошто танцувањето треба да стане дел од вашето секојдневие?

Подготвени сте да си го промените животот? Запишете се на часови по салса и нурнете во магичниот свет на латино танците!

Продолжува на следната страница


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар