Низ призмата на Марија Дибиаџо: Македонија не е Америка – подобра е од Америка!
„Жена родена во земја полна со предрасуди, одлучна да го стори незамисливото.“ Ова се зборовите со кои беше најавен спортскиот документарец на Марија Митевска Дибиаџо, спортистка, активистка и основачка на компанијата за спортска облека DiBiaggo, стационирана во Њујорк, со свое претставништво во Скопје. Документарецот со наслов „Остани различен“ (Stay Different) ја доживеа својата премиера во кино Фросина на 19-ти септември, а закажани се и неговите премиери во Вашингтон и Њујорк, како и на некои интернационални фестивали.
Преполната сала и воодушевените гости, меѓу кои присуствуваше и Самуел Жбогар, амбасадорот на ЕУ во Македонија и дел од француската амбасада, се доказ дека подвигот на Марија не бил залуден. Имено, за потребите на овој документарец, таа ја обиколи Македонија со велосипед и на тој начин му покажа на светот дека жените се непобедливи!
„Идејата за документарецот се роди после моите истрчани 78 километри во јануари годинава во Дизниленд, Орландо. Трка која ме остави без зборови! Јас сакав да ја обиколам Македонија пред неколку години, сама за свое лично задоволство, ама во јануари решив тоа биде документарен филм, затоа што во Македонија и пошироко жените многу ретко се решаваат на вакви подвизи“, ни откри Марија.
Марија, инаку, веќе подолго време живее во Америка, но тоа не ја спречува секогаш да се враќа во родниот крај. Иако, многу Македонци го бараат својот спас надвор од границите на нашата земја, Марија не се согласува дека животот во Македонија е безвреден. Постојат повеќе причини зошто според неа Македонија е прекрасна земја и таа ни откри дел од нив…
Македонија не е единствената земја во светот каде што владеат предрасуди
Честопати, луѓето велат дека сакаат да „побегнат“ од тука поради тоа што владеат многу предрасуди, не можат да бидат свои и немаат можност да се реализираат себеси. Иако, ваквото размислување до некаде е точно, Марија ни дава поинаков поглед на работите.
„Предрасудите постојат насекаде. Без разлика што јас живеам на релација Њујорк-Крива Паланка, ги има и таму, а и во Македонија. Но, тука во Македонија се соочуваме со многу болни предрасуди од типот ’Женско си не можеш ова, не можеш она’ и тоа ужасно ми пречи. Би сакала да си ја видам Македонија за некоја година со многу успешни жени на секое поле“, искрено објаснува Марија.
Не можеме да им ставиме крај на предрасудите, тие ќе нѐ следат каде и да одиме, но можеме да го смениме начинот на кој ги прифаќаме. Не смееме да им дозволиме на туѓите мислења и ставови да ни го попречат патот кон успехот. Со истиот проблем повеќепати се соочила и самата Марија.
„Тоа е еден од главните фактори што ме инспирираа за филмот, затоа што јас како претприемач и сопственик на бизнис во Македонија ги поминав овие пречки пред три години, а истото ми се случи и со идејата за филмот. Кажуваш идеја и веднаш наидуваш на негативен одговор дека тоа не може да биде така, тешко е и слични изговори кои мислам дека веќе стануваат македонски синдром за ’Не се обидувај – Нема да ти успее’, ’Ова не е Америка’ и слично. Да, Македонија не е Америка – подобра е од Америка, само што за разлика од луѓето таму, кај нас секој игра на сигурно, секој сака да имитира некого, секој се меша во туѓи животи и најлошото е што многу родители им ги пренесуваат своите стравови и падови на децата и со тоа им ги сечат крилјата за сон, идеја и самореализација“, заклучува Марија.
Време е да престанеме да си наоѓаме изговори дека немаме доволно можности за успех во Македонија и дека нашата среќа нѐ чека некаде во странство. Секако дека ако сонувате за тоа да живеете на друго место, треба да го следите своето срце. Но, не го користете тоа како оправдување зошто не го живеете животот со полни гради и зошто не се трудите да го извлечете најдоброто од себе.
Македонија ни нуди можности да останеме различни
Слоганот на линијата за спортска облека на Марија гласи „Stay Different“ (Остани различен). Сите сме сведоци, дека во нашата земја ретки се поединците кои се осмелуваат да се издвојат од толпата. Иако, идејата да се биде поинаков од останатите навистина звучи ризично и страшно, тоа не значи дека таквиот подвиг е невозможен. Марија е доказ за тоа!
„Јас го избрав слоганот Stay Different или ’Остани различен’ од самиот почеток на формирањето на брендот за спортска линија Di Biaggio New York, поради фактот што многу е ретко во Македонија да направиш нешто без да бараш дозвола или одобрување од своите блиски. Многу ретко (денешните млади се похрабри) луѓето решаваат да се самореализираат и да бидат задоволни од себеси, да го сакаат тоа што го работат и да знаат што сакаат од животот. На луѓето им е поважно да бидат прифатени од група пријатели, да бидат кул и ’ин’ во друштвото и општеството со некои страшно лоши навики (неработење, пушење и пиење, земање пари од родителите и на 30-годишна возраст) наместо да грабат максимум од животот и од младоста и да стекнуваат животни искуства. Јас моите идеи и соништа ги реализирам и се трудам да ги пренесам на помладите во Македонија преку разните хуманитарни проекти на организацијата PinkSupportMk“, објаснува Марија.
Тешко е да се задржи оригиналноста во денешно време, но не станува збор за невозможна мисија. Напротив, токму фактот што Македонија е мала земја со многу проблеми ни дава можност да бидеме поинакви и да направиме некаква промена. Истото тоа го прави и Марија која секојдневно продолжува да инспирира со нејзината решителност, трудољубивост, упорност, креативност и скромност.
Продолжува на следната страница…