6 книги што задолжително треба да ги прочитате оваа есен пред да ги гледате филмовите

6 книги што задолжително треба да ги прочитате оваа есен пред да ги гледате филмовите

Што имаат заедничко војниците, детективите и кловновите убијци? Сите тие се главни ликови во најновите филмови што со нетрпение чекаме да излезат оваа есен. Но, пред да се упатите кон кино салите, ние ви препорачуваме да ги прочитате книгите на коишто се базираат овие филмови. Погледнете за кои книги и филмови станува збор…

6 книги што задолжително треба да ги прочитате оваа есен пред да ги гледате филмовите

„Тоа“ (It)

Иако моментално овој филм се дава во кино салите, обидете се да му одолеете на искушението и дајте ѝ шанса на книгата прво. Станува збор за роман на Стивен Кинг, напишан во 1986 година, во кој страшниот кловн тероризира група деца и ги открива нивните најдлабоки стравови и фобии. Прочитајте ја книгата за да имате замисла што ќе се случува во филмот, но и за да не си ги истурите пуканките во киното од страв.

„Планината помеѓу нас“ (The Mountain Between Us)

Овој филм треба да излезе во кино салите на 20-ти октомври, а романот е од Чарлс Мартин и е напишан во 2011 година. Се работи за маж и жена кои откако заглавиле на аеродром, решиле да земат чартер лет за да стигнат до нивните дестинации. Потоа, за време на летот, пилотот доживува срцев удар и авионот се урива. Она што следува е напната, емотивна и студена борба за преживување. Книгата ќе го држи вашето внимание до самиот крај, а во филмот главните улоги ги толкуваат Кејт Винслет и Идриз Елба, поради што дефинитивно не треба да го пропуштите.

„Благодариме за службата“ (Thank You For Your Service)

Премиерата на филмот е закажана за 27-ми октомври и се базира на вистински приказни за војници кои се обидуваат да се вратат во нивниот нормален живот по војувањето во Ирак. Книгата на Дејвид Финкел од 2013 година е брутално искрена и тешка за читање поради реалистичниот приказ на психолошките последици од војната. Станува збор за трогателна, ужасна и по малку надежна приказна за чие читање или гледање ќе ви требаат многу марамчиња.

„Убиство во Ориент Експрес“ (Murder on the Orient Express)

Детективскиот роман на Агата Кристи, објавен во 1934 година, ја раскажува приказната за човек кој бил убиен во воз и истрагата на убиството. Книгата ќе ви го држи вниманието до самиот крај, но се верува дека и филмот ќе ги исполни истите очекувања. Премиерата е закажана за 10-ти ноември, а улогите ги толкуваат неверојатните Кенет Брана, Пенелопе Круз, Џуди Денч, Џони Деп, Мишел Фајфер и уште многу други познати ѕвезди.

„Чудо“ (Wonder)

Романот на Р. Џ. Паласио од 2012 година стана вистински бестселер. Се работи за 10-годишното момче Оги кое има редок деформитет на лицето. Откако се школувал дома поголемиот дел од неговиот живот, тој се запишува во приватно училиште каде што сите ученици имаат прилика да научат вредни лекции за прифаќањето и силеџиството. Прочитајте ја книгата и потоа гледајте го филмот (премиерата е закажана за 17-ти ноември) каде што главната улога ја толкува талентираниот и неодоливиот Џејкоб Трембли.

„Викај ме по твоето име“ (Call Me By Your Name)

Филмот ќе можете да го погледнете на 24-ти ноември, но пред тоа задолжително прочитајте ја книгата! Овој роман на Андре Асиман, напишан во 2007 година, ја раскажува приказната за љубовната афера помеѓу 17 и 24-годишник. Дејството се случува во 80-тите и ја отсликува силата на несекојдневната љубов. Во филмот главната улога ја толкува Арми Хемер и сигурно ќе уживате во него поради прекрасните сцени во италијанските селца, но и поради внимателно одбраниот саундтрак.

Погледнете ги и овие филмови адаптирани според најпознатите светски класици.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Писателот во нејзината глава вели: Дај ми англиска книжевност. Дај ми урбан апсурд и егзистенцијализам. Дај ми мистерии за човечката психа. Дај ми театар и џез како терапија.

Поврзани содржини

Остави коментар