13 суптилни знаци дека вашата тага преминува во блага депресија
Ако сте нерасположени веќе неколку недели, вашата тага можеби е всушност блага депресија. Нормално е да се чувствувате лошо кога имате тежок ден, но не е нормално да се чувствувате така подолги временски периоди, особено ако не станувате од кревет и ги прескокнувате вашите омилени активности.
Важно е да запомните дека тагата и депресијата не се едно исто. Според експертите, тагата е предизвикана од страна на еден или повеќе настани кои се тешки, страшни, болни или разочарувачки. На пример, можно е да бидете тажни по раскинување или по неуспех на работното место. Тоа е тага и станува збор за нормална емоција што поминува.
Од друга страна, пак, депресијата оди подлабоко и е подолготрајна. Таа може да е поврзана со некој одреден настан, но и не мора. Депресијата ве обзема целосно и ги затемнува вашите мисли, чувства и однесување. За да бидете дијагностицирани со депресија, треба да имате 5 или повеќе од следниве симптоми…
1. Цел ден спиете
Можно е да сте уморни, но и депресијата предизвикува истоштеност. Можно е да спиете подолго од вообичаено или да се будите со потешкотии. И покрај тоа што сте лежеле во кревет цели 20 часа, вие сѐ уште се чувствувате уморно.
2. Не спиете доволно
Депресијата може да оди и во спротивна насока и да предизвика несоница. Може да спиете многу или да не спиете воопшто. Ако навечер лежите будни и зјапате во таванот цела ноќ, депресијата може да е причината за тоа.
3. Не можете да престанете да јадете
Во ред е да грицкате одвреме-навреме, но депресијата може да направи да се чувствувате ненаситни. Ако не можете да престанете да јадете глупости, особено ако сте гладни за храна што содржи многу јаглехидрати, треба да знаете дека тоа е знак на проблеми со вашето психичко здравје.
4. Се чувствувате безвредно
Тагата може да ви го спушти расположението неколку дена, но депресијата ќе ве држи на дното. Можно е да се чувствувате безвредно и да мислите дека засекогаш ќе ви биде тешко. Исто така, можеби ќе помислите дека никој не сака да биде во ваша близина и дека никој не се грижи за вас.
5. Не сте расположени
Депресијата можеби нема да ве фрли во очај, но може значително да ви го влоши расположението. Не мора секоја секунда да бидете тажни, но поголемиот дел од денот ќе се чувствувате депресивно и безнадежно. Речиси сѐ станало сиво.
6. Побавни сте
Депресијата предизвикува еден вид „психомоторна ретардација“ што може многу да ве забави. Менталните задачи, како што е одговарањето имејлови, ќе ви одземаат многу енергија. Физичките активности како што се миењето заби или возењето во автобус ќе ви делуваат премногу тешки. Некои луѓе опишуваат дека се чувствуваат како да носат огромен товар додека се обидуваат да го поминат денот или како да чекорат по жива кал.
7. Не се чувствувате добро
Ако се чувствувате лошо, но не знаете зошто, можеби депресијата е виновникот за тоа. Исто така, можно е да имате проблеми со чести главоболки, болки во стомакот и болна рамнодушност (летаргија).
8. Не сте повеќе заинтересирани за секс
Сексуалната желба се зголемува и намалува и тоа е сосема во ред. Но, ако порано сте уживале во сексот, а сега едноставно не сте заинтересирани за него, обрнете внимание на овој симптом. Намалената сексуална желба е знак на депресија.
9. Секогаш сте нервозни
Депресијата може да доведе до анксиозност, лутина и нервоза. Ако забележите дека многу често избувнувате и станувате гневни поради ситни грешки и недоразбирања, можно е да имате проблеми со депресија.
10. Сте се изолирале
Кога луѓето се тажни, најчесто сакаат да се видат со пријателите за да се развеселат и да заборават на проблемите. Но, тоа не важи за депресијата. Можно е да не се појавувате на работа или на училиште или да престанете да се гледате со пријателите и семејството. Ако цело време сте дома и не сакате да одговарате на повиците и да излегувате со друштвото, тоа не е добар знак.
11. Не сте разумни
Ако претерувате со вашите мисли и обвинувања и мислите дека никој не ве сака и дека животот е за никаде, тоа е знак на депресија. Кога луѓето се депресивни, нивниот начин на размислување не е логичен, реален и корисен. Ако сте тажни, тогаш ќе можете да ја задржите логиката во вашите мисли.
12. Не можете да се сконцентрирате
Депресијата навистина може да си поигра со вашиот мозок и да го направи неспособен за концентрирање. Ако имате блага депресија, можно е да залутувате со мислите на работа или да заборавате што сте сакале да кажете среде реченица.
13. Сте заборавиле како да се забавувате
Ако не се смеете повеќе, не посветувате внимание на вашите хобија и не излегувате со пријателите, тоа е еден од симптомите на депресија. Речиси ништо не ви причинува задоволство. Неспособноста да се почувствува задоволство се вика „анхедонија“ и тоа е симптом специфичен за депресијата, а не за тагата.
Доколку се пронајдовте во некои од овие знаци, не двоумете се дали да побарате помош. Јавете се на некој терапевт или разговарајте со пријателите. Депресијата може да се излечи, само треба да го направите првиот чекор.
Прочитајте ги и следниве 7 работи кои ги прават луѓето кои ја маскираат својата депресија.