7 причини зошто ви треба не само летен, туку и психички одмор
Без разлика дали станува збор за слободен викенд или за патување што ќе трае 8 месеци, на сите ни треба одмор. Дали сте знаеле дека Австралијците добиваат најмалку 4 недели одмор, плус слободни денови за 10-те државни празници? На Бразилците им следува платен одмор од 22 дена со 33% бонус од платата. Французите, пак, добиваат најмалку 5 слободни недели, а најмногу 9. Колку трае вашиот одмор, ако воопшто го имате? Што е се оние кои одлучиле да започнат сопствен бизнис? Сигурно уживаат во улогата на шефови, но секој одмор исто така значи и намален приход.
Најверојатно знаете дека ви треба одмор, но сигурно го потценувате значењето на психичкиот одмор. Една инспиративна жена по име Меделин Паркер целосно ќе ви го промени мислењето. Имено, таа пријатно го изненадила нејзиниот шеф кога сакала да го искористи слободниот ден за боледување за психички одмор. Шефот ја разбрал нејзината потреба од оддишка и ја пофалил поради нејзината свесност и потрага по рамнотежа.
Доколку мислите дека ќе бидете задоволни само со физички одмор, размислете уште еднаш. Придобивките од психичкиот одмор се од големо значење за вашиот разум и среќа. Во продолжение прочитајте зошто ви треба психички одмор…
1. Ментално здравје
Нема ништо подобро за менталното здравје од поминувањето време во природа. Слушајте музика и уживајте во пејзажот. Одете на езеро, кампувајте или прошетајте. Соединете се со убавините на природата и мозокот ќе ви биде благодарен.
2. Убавина
Дозволете си да бидете присутни во моментот и вистински да уживате во убавината на пејзажот. Тоа ќе ве исполни и ќе ви даде енергија. Убавината е насекаде околу нас, но понекогаш не ја забележуваме. Одете во музеј на уметност, гледајте во зајдисонцето, месечината, дождот… Ваквата убавина е како мал празник за очите.
3. Поглед кон светот
Одморот може да ви го промени погледот кон светот, особено ако решите да направите нешто несекојдневно. Можеби ќе одлучите да волонтирате, да го чувате кучето на пријателите, да истражите нов дел од градот каде што не сте биле претходно… Сите овие работи можат да ви го променат мислењето за вашиот живот. Ако излезете од вашата удобна зона, ќе ја зголемите вашата креативност.
4. Инспирација
Новиот поглед кон светот и убавините за коишто ќе станете свесни ќе ве инспирираат. Ќе ви стане јасно што сакате и што треба да направите следно. Многу повеќе работа ќе завршите благодарение на инспирацијата отколку на здодевноста. Наместо да поминете со часови во влечење по дома само затоа што мислите дека мора да завршите одредена задача, одморете се и ќе добиете инспирација.
5. Забава
Одморите се забавни. Секој ден се случува нешто различно. Посетувате нови места, запознавате нови луѓе и на тој начин ги проширувате хоризонтите додека истовремено се забавувате.
6. Приказни
Одморите се одлична можност да го збогатите вашиот живот со приказни за раскажување. Сигурно ќе ви се случи некоја мала незгода за време на целиот престој на друго место којашто многу ќе ве изнервира во моментот, но потоа ќе сфатите дека тоа е забавна и интересна приказна што можете да ја споделите со најблиските.
7. Празни џебови
Доколку одлучите да заминете на подолго патување, бидете подготвени на тоа дека нема да остварите голем приход за време на тие месеци. Сепак, тоа не значи дека ќе гладувате. Празните џебови ќе ви помогнат да развиете доверба во луѓето. На тој начин ќе дозволите многу убави нешта да влезат во вашиот живот. Можеби нема да станува збор за пари, но богатствата доаѓаат во различни пакувања.
Одморите имаат лоша репутација во нашето општество. Мислиме дека мора да бидеме постојано зафатени за да успееме. Секако дека убаво е чувството кога сме продуктивни и можеме да ги видиме плодовите од нашиот труд. Но, ќе се чувствувате уште подобро ако успехот произлезе од вашата инспирација и воопшто не почувствувате дека сте работеле. А тоа може да се случи само тогаш кога ќе си земете 1 или 20 слободни дена за психички одмор.
Прочитајте ги и следниве 7 знаци дека итно ви е потребен одмор од работата.