Моделите со прекумерна тежина имаат позитивно влијание на нашето психичко здравје
Сите знаеме дека појавата на различни облици на тело во медиумите е позитивна, но сега тоа е и научно докажано. Најновото истражување објавено од страна на државниот универзитет во Флорида со наслов „Дали прекумерната тежина е рамноправна? Позитивното влијание на просечните и моделите со прекумерна тежина на когнитивната алокација на ресурси кај жените, нивните споредби и задоволност од телото“ открило дека жените се позадоволни од сопственото тело и повеќе се сеќаваат на моделите со прекумерна тежина отколку на моделите кои се послаби.
Истражувачите Расел Клејтон и Џесика Риџвеј надгледувале 49 студентки кои не биле задоволни од сопственото тело. Кога им биле покажани слики од модели со прекумерна, просечна и послаба тежина, нивната позитивна реакција била поголема на фотографиите од просечните модели, а најголема била кога ги виделе моделите со прекумерна тежина.
„Жените беа најзадоволни од сопственото тело кога ги видоа моделите со прекумерна тежина и тогаш најмалку се споредуваа себеси со нив. Но, задоволството од телото се намали и споредбите се зголемија кога ги видоа просечните и послабите модели“, објасниле истражувачите.
Истражувањето исто така нагласило дека постојаното изложување на модели со нереалистична тежина во јавноста има негативно влијание на психичкото и физичкото здравје на потрошувачите кои почнуваат да развиваат незадоволство од сопственото тело.
Ако го земете предвид не само успехот на моделите како Ешли Греам и Прешс Ли во изминативе години, туку и растечкиот број на брендови кои почнаа да вклучуваат различни облици и големини на тела во нивните кампања, како и позитивните реакции што ги предизвикуваат овие реклами кај потрошувачите, податоците од ова истражување не се големо изненадување.
Сепак, сѐ уште постои недостаток на разновидност и не треба да се заборави на сомнителните мотиви на брендовите кои можеби само се обидуваат да извлечат корист од ова позитивно „модерно“ движење. И покрај тоа, најважната цел е постигната: Жените добиваат поголема самодоверба, постојат модели во кои можат да се пронајдат и на тој начин почнуваат да се сакаат себеси и своето тело.
Да се надеваме дека ваквите позитивни резултати од истражувањата ќе им дадат на брендовите дополнителна причина зошто треба да им праќаат пореалистични пораки на нивните потрошувачи.
Погледнете ја и оваа девојка која ги руши стереотипите во модната индустрија со нејзината прекрасна фигура.