Нов свадбен тренд кој некои невести не можат ни да го замислат
Трендот „Уништи ја венчаницата“ станува сѐ попопуларен во светот во текот на изминатите години, иако дефинитивно не е за секого, особено за невестите кои сакаат да ја зачуваат својата венчаница, но и доколку истата била премногу скапа.
Но, ако невестата е подготвена да ја уништи венчаницата, а младоженецот својот костим (или барем целосно да ги наводенат) и ако тие сакаат посебни фотографии, тогаш трендот „Уништи ја венчаницата“ е создаден за нив.
Станува збор за тренд каде што младенците после венчавката се фотографираат во вода или пак се поливаат со боја, па дури и се тркалаат во кал. Водата, секако, ќе биде најмалку штетна иако венчаницата после тоа најверојатно нема да биде иста, а младенците најчесто се одлучуваат за такво фотографирање ако имаат венчавка во близина на плажа или базен.
Невестите кои се подготвени да ја фрлат венчаницата, може заедно со својот новопечен сопруг да се извалкаат со бои или кал. Ако фотографиите се прават со бои, тогаш тие може да ја изберат својата омилена, за целото фотографирање да биде во таа нијанса.
Фотографирањето „Уништи ја венчаницата“ гарантира забава и спомени за цел живот, но сепак за некои невести е незамисливо да ја уништат венчаницата на тој начин. Традиционалните фотографии од венчавката им се доволен спомен од тој преубав и важен ден. Дали вие би направиле нешто вакво?
Можеби ќе ве интересираат и овие нови адети за невообичаена свадба.