Што е тоа духовно будење? 10 главни знаци дека сте го откриле вашиот духовен пат
Духовното будење е едно од најзбунувачките, најосамените, најизолираните, но и најубавите искуства во животот. Духовното будење го означува почетокот на вашето тргнување по духовниот пат. Ако не го постигнете тоа, вие ќе живеете во потрага по бесцелни материјални богатства, слава, моќ и влијание, обидувајќи се да доживеете „среќа“.
Ако сте доживеале духовно будење, тоа значи дека сте станале свесни за лагите и илузиите на овој свет. Длабоко во себе сте сфатиле дека не постои ништо од надворешниот свет што би можело да ви донесе вистинска среќа и исполнетост. Тоа сознание раѓа копнеж за нешто побогато, нешто што ќе ви донесе задоволство и што ќе направи да се чувствувате целосни.
Што е тоа духовно будење?
Што подразбира всушност процесот духовно будење и како ќе знаете дали сте го доживеале? Кога ќе доживеете духовно будење, вие буквално ќе се „разбудите“. Ќе почнете да се сомневате во вашите претходни верувања, навики, идеали и ќе сфатите дека постојат многу нешта во животот за кои никогаш не сте ни биле свесни.
Ќе почнете да си поставувате прашања од типот „Зошто сум тука?“, „Која е смислата на мојот живот?“, „Што се случува по смртта?“, „Зошто добрите луѓе страдаат?“ и слично. Духовното будење ги разбранува најдлабоките и најзначајните прашања кои постојат длабоко во нас, но отсекогаш сме се плашеле да ги поставиме.
Зошто доаѓа до духовно будење?
Духовното будење е природен производ на духовната зрелост. Таа зрелост претставува процес на внатрешно растење, созревање и зголемување. Исто како што децата растат, така расте и поврзаноста со нашата душа. Колку повеќе се поврзувате со вашата душа, толку поголема трансформација ќе доживувате. Колку повеќе ја негувате вашата душа, толку поголеми радост, мир, слобода и љубов ќе чувствувате.
Иако процесот на духовно будење на почетокот може да биде болен, тој ќе ви помогне да живеете поисполнет живот. Чувството дека вашиот живот нема смисла е производ на вашите претходни верувања, желби и цели кои честопати се погрешни.
Што го предизвикува духовното будење?
Духовното будење може да се активира благодарение на најразлични околности. Не постои само еден одговор на ова прашање. Духовното будење може да се случи во кој било момент или период од вашиот живот. Може да се случи спонтано, но може да биде и предизвикано од големи животни промени, болести, несреќи и трауми како што се тешките болести, природните катастрофи, семејните проблеми, политичките случувања, средовечните кризи и уште многу други.
Генерално, процесот на духовно будење е поврзан со искуството познато како „Мрачна ноќ на душата“. Мрачната ноќ на душата е периодот од животот кога се чувствуваме целосно отсечени од светот. Колку посвесни стануваме за големите страданија во светот, толку поголема е веројатноста дека пристигнува Мрачната ноќ на душата.
Ако сте многу сочувствителни по природа и постојано размислувате, тогаш постојат големи шанси дека веќе сте поминале низ Мрачната ноќ на душата или моментално минувате низ тоа искуство кое го предизвикало духовното будење во вас, односно копнежот по наоѓањето смисла во животот.
10 знаци на духовно будење
Постојат многу знаци на духовно будење кои не се само емоционални, туку и психички, па дури и физички. Ова се 10-те најчести:
1. Имате чувство дека вашиот живот засекогаш се променил.
2. Чувствувате несигурност и страв.
3. Не ви се допаѓаат работите кои некогаш сте сакале да ги правите.
4. Имате екстремна потреба од самотија.
5. Чувствувате поголема емпатија кон другите.
6. Доживувате повеќе искуства поврзани со синхроницитет.
7. Станувате сѐ почувствителни.
8. Доживувате напади на духовна болка и депресија.
9. Си поставувате прашања како што се „Зошто сум тука?“ и „Која е смислата на мојот живот?“
10. Копнеете по вистината и духовната исполнетост.
Духовното будење го означува почетокот на вашиот духовен пат. Меѓутоа, духовното будење може да биде многу болно и потресно. Луѓето кои поминале низ тоа се чувствувале како целиот живот да им се променил од корен. Ова искуство може да доведе до изолација, па дури и до проблеми како што се депресија и хронична анксиозност.
Доколку моментално минувате низ овој процес, знајте дека не сте единствени. Најважно е да се сакате себеси. Кога ќе научите да се грижите за себе, ќе можете вистински да се грижите и за другите луѓе. Не плашете се да ја отворите оваа врата од вашиот живот и да ги дознаете посакуваните одговори. Вистината е сурова, но бесценета и ослободувачка.
Доколку ве заинтересира оваа тема, прочитајте што се случува кога ќе го сретнете вашиот духовен близнак.