Науката открива: Како да бидете посреќни на работа?
Повеќето од нас работат затоа што мораат и не се среќни на работа, а тоа незадоволство влијае и на други аспекти од нашиот живот. Сигурно сте ја слушнале изреката: „Најди работа што ќе ја сакаш и нема да мора да работиш ниту еден ден од животот“. Ова звучи логично, бидејќи не би требало да се чувствувате како да работите, ако навистина го правите она што го сакате. Сепак, во реалноста работите стојат малку поинаку.
Според најновите истражувања, најголемиот број од луѓето ја немаат таа среќа секое утро да „скокаат“ од кревет и со задоволство да го започнат денот. Всушност, работата е една од активностите што предизвикуваат најмалку среќа.
Научниците користеле иновативна технологија за да направат анализа како испитаниците се чувствуваат во врска со нивната работа и другите задачи што треба да ги извршат. Тие ги снимале нивните моментални реакции преку мобилна апликација наречена „Mappiness“. Илјадници испитаници од Велика Британија требале да ја оценат нивната среќа, како и други детали поврзани со нивните секојдневни задачи. Не е никакво изненадување тоа што истражувачите откриле дека токму работните задачи предизвикувале најголем стрес кај учесниците.
„Многу ретко се случува поединците да се почувствуваат исто толку среќни на работа колку што се среќни кога немаат работа, дури и кога работата е во комбинација со поопуштени активности што носат задоволство. Платената работа се наоѓа на последно место во однос на сите други 39 активности што испитаниците пријавиле дека ги прават, со исклучок на боледувањето во кревет“, открил еден од истражувачите.
Тоа значи дека работата носи речиси исто толку задоволство колку и боледувањето. Секако дека овие резултати не важат за сите. Некои луѓе навистина имаат работа во која уживаат, но ова истражување докажува многу, бидејќи е првото што ги анализирало моменталните реакции на луѓето во текот на денот. Според резултатите, дури и да си ја сакаме работата што нѐ исполнува, сепак многумина од нас ги мразат секојдневните работни обврски. Доколку работите како шефови, обрнете внимание на ова истражување, бидејќи не само што среќните вработени се попродуктивни, туку и го зголемуваат профитот на бизнисот.
Како да бидете посреќни на работа?
Постојат голем број работи што можете да ги направите за да бидете порасположени на работа. Не е никакво изненадување тоа што сѐ започнува од будењето. Најважно е да се разбудите среќни! Истражувачите докажале дека ако станете на десна нога, ќе создадете ситуација што ќе ви го поттикнува позитивното расположение во текот на целиот ден.
Уште еден ефективен начин да го задржите доброто расположение на работа е да ја „убиете“ досадата. Според едно истражување, само 32% од луѓето се активно посветени на нивната работа, што значи дека останатите не се посветени воопшто. Според истражувачите, проблемот лежи во досадата.
„Ако ви е здодевно на работа, побарајте можност да научите нешто ново или да преземете повеќе одговорности“, советуваат тие.
Освен тоа, ако им помагате на колегите на работа, незадоволството ќе се намали. Посреќните работници им помагаат на нивните колеги 33% повеќе од оние кои не се среќни.
Ако ништо од ова не ви помогне, можеби треба да размислите за промена на кариерата или за давање отказ. Се работи за вашиот живот и можете да живеете како што сакате.
Прочитајте ги и овие 4 знаци дека треба да најдете друга работа.