Токсични навики во љубовната врска што повеќето луѓе ги сметаат за нормални
Кога сме оделе на училиште, не сме имале предмет што би можел да нѐ научи како да бидеме добри љубовни партнери. Никој не може да знае точно како треба да се однесува во љубовната врска, а советите што ги добиваме од статиите и списанијата не помагаат многу во пракса. Мажите и жените своите партнери многу често ги сметаат за сопственост, а не за некого со кого треба да си дадат меѓусебна поддршка, внимание и љубов. За среќа, постојат голем број психолошки истражувања кои го нашле рецептот за здрава и успешна љубовна врска. Имено, тие ги поставиле главните правила според кои треба да се водат партнерите, а некои од тие правила се токму спротивното од тоа што обично го сметаме за романтично или здраво. Во продолжение прочитајте кои навики во љубовните врски се токсични, иако партнерите досега ги сметале за здрави и нормални…
Памтите грешки од минатото
Оваа навика е многу често и партнерите ја користат во секоја можна караница. Се случува на тој начин што партнерите си ги „вадат низ нос“ грешките од минатото и почнуваат да се натпреваруваат кој од нив направил повеќе грешки во текот на изминатите месеци или години, и се расправаат околу тој кој кому повеќе му должи. Вие сте го излажале дека колегата ви е само пријател и покрај тоа што сте биле заедно во минатото, тој дознал и се налутил, но тоа повеќе не се важи бидејќи сте го фатиле како ѝ пишува пораки на неговата поранешна девојка. Тоа значи дека сте изедначени, нели? Погрешно.
Зошто ова е токсично: Овој „натпревар“ може да излезе надвор од границите на нормалата бидејќи партнерите ги користат грешките од минатото за да ги оправдаат нивните сегашни грешки. На тој начин тие си ја зголемуваат грижата на совест и ја користат за да манипулираат еден со друг. Партнерите ја трошат целата енергија за да докажат кој повеќе згрешил, наместо да се фокусираат на решавање на проблемот.
Што да направите: Секој проблем решавајте го поединечно, освен ако не се поврзани. Доколку еден од партнерите постојано изневерува, тоа е симптоматично и треба да се решава како целина. Но, фактот што тој ве засрамил пред вашето друштво во 2010, а денес е уморен и ве игнорира, нема никаква врска едно со друго и затоа не го спомнувајте воопшто.
Користите пасивно-агресивни тактики
Наместо отворено да кажете што сакате, вие се обидувате да му пратите знаци на партнерот за да го одведете во вистинската насока и да се сети самиот. Наместо гласно да кажете што ви прачи, наоѓате некои ситни причини за расправија само колку да го изнервирате партнерот и потоа да имате оправдување зошто не сте задоволни од него.
Зошто ова е токсично: Ова е знак дека вие двајца не можете да комуницирате отворено. Човек нема да има причина да се однесува пасивно-агресивно ако се чувствува слободно да ја искаже својата лутина или несигурност во врската. Вашиот партнер никогаш нема да почувствува потреба да дава знаци, освен ако не чувствува опасност дека ќе биде осуден и критикуван поради тоа.
Што да направите: Отворено разговарајте за вашите чувства и потреби. Дајте му до знаење на партнерот дека тој не е обврзан да ги исполни, но дека би ви значела неговата поддршка. Доколку навистина ве сака, нема сомнеж дека ќе ја исполни секоја ваша реалистична желба.
Постојано поставувате услови
Ова се случува кога еден од партнерите не е задоволен поради некоја ситница и ја уценува другата личност со тоа што ја доведува до прашање целата врска. На пример, доколку чувствувате дека партнерот се однесува ладно со вас, наместо да му кажете „Мислам дека си малку ладен“, вие му велите „Не можам да бидам со некој кој постојано е ладен со мене“.
Зошто ова е токсично: Станува збор за емоционална уцена и создава еден куп непотребна драма. Секоја мала пречка во вашата врска делува како да ќе доведе до раскинување. Треба да знаете дека негативните мисли и чувства можат да бидат искажани на убав начин без да се заканувате со крај на врската. Во спротивно, постојано ќе ги потиснувате вашите вистински чувства а тоа ќе доведе до рушење на довербата.
Што да направите: Во ред е да се налутите поради однесувањето на вашиот партнер, тоа е нормално и човечки. Но, треба да разберете дека партнерот со кого сте во врска нема секогаш да ви се допаѓа. Не може сѐ да ви се допаѓа кај некој човек. Меѓутоа, треба да знаете како да давате конструктивна критика и да разговарате за тоа без да користите уцени и да поставувате услови. На тој начин ќе ја зацврстите врската и ќе се зближите уште повеќе.
Го обвинувате партнерот за вашите сопствени емоции
Замислете си ја следнава ситуација: Вие имате лош ден, но вашиот партнер не покажува многу разбирање за вашите чувства. Цел ден разговара со некои колеги од работа и беше отсутен кога го прегрнавте. Одвај чекавте да дојдете дома, да си легнете заедно и да гледате филмови, но тој направил планови да излезе со друштвото. Тогаш вие избувнувате и го обвинувате поради тоа што е нечувствителен и безобѕирен кон вашите чувства. Вие сте имале лош ден, а тој не направил ништо во врска со тоа. Точно е тоа дека вие не побаравте ништо, но тој би требало да знае дека треба да ве расположи. Тој би требало да прекине со разговорите на телефонот и да ги откаже сите планови за да се погрижи за вашата лоша емоционална состојба.
Зошто ова е токсично: Доколку го обвинувате партнерот за вашите емоции, тоа е еден вид на суптилна себичност и класичен пример на непочитување на личните граници. Тоа што сметате дека вашиот партнер е одговорен за вашите чувства, ќе доведе до создавање зависност од врската, а тоа не е здраво. Тој нема да смее ништо да испланира без да се консултира прво со вас. Сите активности дома, дури и за оние најобичните како што се гледање филмови, ќе треба да преговарате и да правите компромиси. Кога еден од вас ќе се вознемири, другиот ќе треба да ги занемари сите свои лични потреби само затоа што има одговорност да се погрижи за расположението на партнерот. Најголемиот проблем е тоа што ваквите навики доведуваат до презир. Разбирливо е доколку еднаш се случи ова, но доколку се случува постојано, ќе почнете да станувате огорчени, па ќе се обидете дури и да манипулирате со чувствата и желбите на партнерот.
Што да направите: Преземете одговорност за вашите сопствени емоции и истото очекувајте да го направи и вашиот партнер. Има тенка но значајна линија помеѓу тоа да бидете нечија поддршка и тоа да бидете нечија одговорност. Сите жртви треба да бидат резултат на едногласен избор, а не на индивидуални очекувања.
Покажувате „здрава“ доза на љубомора
Се лутите секогаш кога вашиот партнер зборува, праќа пораки и се дружи со друга личност, па таа лутина ја истурате на партнерот и се обидувате да го контролирате неговото однесување. Оваа навика води до ненормални постапки како што се обидите да му ја погодите Фејсбук лозинката за да видите со кого се допишува, му го чепкате телефонот додека се тушира, па дури и го следите околу градот и неочекувано се појавувате на местата каде што знаете дека е излезен со друштвото.
Зошто ова е токсично: Чудно е тоа што некои луѓе го сметаат ова за покажување љубов. Мислат дека ако нивниот партнер не е љубоморен, значи не ги сака. Но, вистината е дека ова однесување е манипулативно и предизвикува непотребна драма и караници. Тоа е знак дека не постои доверба помеѓу партнерите и е малку навредливо. Доколку вашата девојка не ви верува кога сте во друштво на убави девојки, тоа значи дека таа мисли или дека сте лажго или ве смета за неспособни да ги контролирате вашите природни инстинкти. Во секој случај, сигурно не би сакале да бидете во врска со таква личност.
Што да направите: Верувајте му на партнерот. Тоа е тешко и природно е да чувствувате одредена доза на љубомора. Но, прекумерната љубомора и обидот да го држите партнерот под контрола се знаци дека вие самите сте несигурни во себе и треба да ги решите тие проблеми, а не да ги рефлектирате на вашите блиски. Во спротивно, само ќе го оддалечите партнерот од себе.
Проблемите во врската ги решавате со материјални работи
Секогаш кога ќе се скарате или ќе наидете на проблем во врската, наместо да го решите вие го прикривате со возбуда и позитивни чувства кои се јавуваат кога ќе си купите нешто убаво или ќе отидете некаде на патување. Со други, се обидувате да ги потиснете вистинските проблеми со помош на површни задоволства.
Зошто ова е токсично: На овој начин вие само ги ставате проблемите под тепих, но и поставувате нестабилна основа врз која очекувате да изградите здрава и успешна врска. Замислете си ситуација во која секогаш кога девојката ќе му се налути на момчето, тој го „решава“ проблемот на тој начин што ѝ купува нешто убаво или ја носи во луксузен ресторан на вечера. На овој начин, девојката ќе бара уште повеќе причини да се лути, а момчето ќе се обидува да ги одбегне сите проблеми во врската. На крајот, мажот ќе се чувствува како банкомат, а жената ќе стане огорчена поради недостатокот на внимание.
Што да направите: Веројатно претпоставувате што треба да се направи. Решете го проблемот. Без разлика дали се нарушила довербата или се изгубила страста во врската, најважно е да комуницирате. Нема ништо лошо во тоа да направите нешто убаво за вашата сакана личност по некоја караница за да покажете љубов и грижа. Но, никогаш не треба да ги користите подароците и материјалните работи како замена за вистинското решение на проблемот. Подароците и патувањата се викаат луксуз со причина. Треба да си ги дозволувате само тогаш кога сѐ друго во врската е како што треба. Доколку ги користите за да ги прикриете проблемите, ќе си создадете уште поголем проблем што тешко дека ќе можете да го решите.