Како да воспитате дете без комплекси: 5 реченици на кои родителите треба да заборават еднаш засекогаш!
Сите родители сонуваат за тоа еден ден нивното дете да стане независна и успешна личност со силен карактер. Но, многу често се прашуваат зошто нивните деца не можат да се прилагодат во животот кога според нив тие направиле сѐ како што треба. Вистината е дека дури и една сосема навидум невина реченица може да влијае на детската психа. Поради тоа, родителите треба внимателно да ги одбираат зборовите кога зборуваат со нивните деца. Ова се 5-те реченици кои родителите треба целосно да ги исфрлат од нивниот речник…
1. „Кога јас бев на твоја возраст, бев одличен ученик.“
За секое дете родителите се луѓето кои знаат сѐ. Тие го формираат односот на детето со светот околу него и во него. Во реченицата „Секогаш сум бил одличен ученик“ детето гледа конкуренција. Децата кои често ја слушаат оваа реченица, целиот живот се обидуваат да му докажат нешто на семејството. Од една страна тоа е добро бидејќи може да послужи како мотивација, но притоа личноста не остварува нешто поради себе, туку поради мама и тато. Тоа го прави за родителите да сфатат дека нивното дете вреди. Подоцна кога ќе стане возрасна личност никогаш нема да ужива во своите успеси.
2. „Не те сакам кога не си добар.“
По оваа реченица детето можеби ќе почне да се труди да се однесува како што треба. Но, притоа тоа ги отфрла сите свои потреби и желби и се обидува да ги исполни туѓите очекувања. На родителите тоа им одговара, но на крајот идентитетот на детето ќе остане скриен. Кога ќе порасне ќе сака на сите да им угоди и ќе живее со мотото: „Сакам да ме сакаат и затоа морам да го правам она што другите го сакаат. Немам свои желби, но затоа постојат желбите на другите луѓе“.
3. „Горан на полугодие има 5, а ти 4.“
Родителите го посакуваат најдоброто за нивните деца. Сепак, ваквите споредби се многу болно искуство за детето. Децата тоа ќе го пренесат и кога ќе станат возрасни. На децата им е многу непријатно кога ги споредуваат со други деца. Во нивниот понатамошен живот, тие ќе продолжат да се споредуваат со другите, но не во своја корист. Оваа реченица нема да ја поттикне желбата на детето да стане подобро.
4. „Немој да ме срамиш!“
Поради оваа реченица кај детето почнува да се развива комплекс. Тоа почнува да мисли дека неговите родители и другите луѓе се срамат поради него. Децата сакаат внимание, но не знаат што да прават со него. Тие почнуваат да се кријат, затвораат во себе и стануваат изгубени.
5. „Не сакам да те видам и чујам!“
Детето кое ќе ја чуе оваа реченица живее со чувства на вина пред родителите поради тоа што ним им пречи тоа да живее како што сака. Бидете внимателни со изјавите од ваков тип. Колку и да се скарате со вашето дете, бидете трпеливи и никогаш не кажувајте работи за кои подоцна можете да зажалите.
Овие 5 реченици треба да ги отфрлите уште веднаш, ако не сакате вашето дете да развие комплекси. Зборувајте му на детето со љубов, за тоа какви доблести има и колку сте горди на него. Само со таков однос, тоа од сопствена слободна волја ќе даде сѐ од себе.