Палаван: Најубавиот остров на светот е чиста перфекција
Тешко е да се поверува дека Филипините не се топ туристичка дестинација во светот, а имаат толку многу да понудат. Ова место е едноставно рај на земјата со своите острови и неизмерното богатство од природни убавини, а како едно од најпрекрасните локација може да се издвои островот Палаван.
Палаван е скриено парче од рајот, поради што се наоѓа на врвот од листите на најубави острови во светот. Неодамна „Travel + Leisure“ го прогласи овој остров за најубавиот во светот.
Островот е познат по прекрасниот спектар на бои кои меѓусебно се испреплетуваат – сината боја со неверојатните зелени нијанси, планините со џунглите и ретката шума кои се издигаат над океанот, како и неверојатните пејзажи на малите рибарски села расфрлани по островот.
Се верува дека овој остров е стар околу 50 илјади години, а до него може да се стигне со брод и со авион. Тој не е ни многу оддалечен од главниот град на Филипините, Манила. Најубаво време за посета на овој остров е во периодот од октомври до мај. Доколку одлучите да го посетите, воопшто нема да ви биде здодевно, затоа што ќе можете да нуркате и да се искачувате на прекрасните планини.
На островот можете да видите виолетови ракови, филипински елени, филипински панголин, како и прекрасните пеперутки кои внесуваат дополнителна магија во пејзажите.
Палаван изобилува со богата флора и фауна, кои можат да се најдат и на другите острови во близина, но во помал степен.
Доколку не сте подготвени за нуркање и искачување, можете со чамец да патувате меѓу прекрасните острови или да ја посетите подземната река, една од најуникатните во светот.