4 типови тишина кои се штетни за вашата љубовна врска
Живееме во доба кога голем дел од времето го поминуваме гледајќи во екраните на компјутерите или на телефоните. Голем дел од комуникацијата со колегите, па и со блиските ја остваруваме преку социјалните мрежи. Разговорите полека стивнуваат, а тишината и звукот на тастатурите стануваат сè погласни. Но, што станува со тишината во љубовните врски? Сите парови имаат моменти на тишина, тоа е сосема јасно. Се случува. Некогаш еден или двајцата партнери се зафатени или преморени за да разговараат, и тоа не е ништо страшно, бидејќи многупати е посочено дека здравите врски имаат многу тишина во себе. Но, сепак постои и една друга тишина, која е штетна за вашата врска и може да биде знак дека нешто не оди како што треба помеѓу вас. Постојат неколку типови тишина, а ние ги издвоиме 4-те кои се најштетни за љубовниот однос.
1. Си се казнувате со тишина
Како и секој пар, така и вие. Сте се скарале и до толку сте се налутиле, што потоа подолго време не разговарате. На тој начин го избегнувате партнерот. Мислите дека така ќе ја надминете ситуацијата полесно и нештата сами од себе ќе се средат. Но, грешите. Ваквата тишина најчесто не завршува добро. Го казнувате вашиот партнер, кој не знае што да мисли, но и вие самите си се казнувате. Кажете си отворено што мислите и одете напред. Не терајте го партнерот да ве моли за внимание. Проблемите се решаваат со разговор, а не со молк.
2. Немате што да си кажете
Ова најчесто укажува дека дошло време да ставите крај на вашата врска. Ако се вратите од работа, седнете на маса да вечерате и покрај толку нешта што ви се случиле и на обајцата во текот на денот, сепак немате што да си кажете поставете си го ова прашање: Зошто? Дали неговиот/нејзиниот глас ве прави нервозни? Не сте заинтересирани за неговиот/нејзиниот живот? Доколку не сакате да ги споделите убавите и лошите моменти од секојдневието, тогаш можеби таа личност не треба да биде покрај вас, затоа што на крајот на денот, комуникацијата со најблискиот човек до вас е суштинска. Ако комуникацијата меѓу двајца партнери умира, тогаш умира и самата врска.
3. И двајцата се исклучувате
Има периоди од врската, кога со вашиот партнер не се согласувате речиси за сè, не постои заеднички јазик и доаѓате во ситуација кога повеќе не знаете кој чекор да го преземете. Тогаш најлесно ви е да се повлечете. Се исклучувате и се затворате во себе. Почнувате да се согласувате со ставовите и барањата на партнерот, само да го замолчите и едноставно ги заладувате односите. Но, со тоа си наштетувате и себеси и на својот партнер. Не се затворајте, кажете што мислите. Доколку личноста со која што сте е разумна, ќе размисли и ќе се согласи со вашето размислување и барање. Многу е полесно да ги кажете работите, отколку навечер да си легнете полни со лутина. Тоа ве заморува, а истовремено ја разорува и вашата љубов.
4. Не одговарате на пораки подолго време
Ова е нешто што голем број парови го применуваат. Постојат многу причини зошто не би му одговориле на вашиот партнер, кога ќе добиете порака од него или неа. Можеби сте зафатени со работата, со семејството, со пријателите… Но, она што е важно е дека треба да му најавите дека одредено време нема да бидете достапни. Доколку со вашиот партнер комуницирате преку пораки, без оглед дали тоа е преку социјалните мрежи, имејл или телефонски, ако наеднаш ве снема, тогаш ќе го/ја ставите на мисла што се случува со вас и ќе почне да размислува во различни правци. Но, доколку претходно му најавите дека одредено време ќе ве нема, тогаш нема да настанат непотребни проблеми. Тишината знае да ги комплицира работите повеќе отколку што мислите.