Лажен андеркат: Нова фризура која ги освои социјалните мрежи
Светот на стилизирањето на косата од сезона во сезона ни нуди нови варијанти на обликување и освежување на фризурата, а оваа пролет главен тренд е панк рок фризурата! После скриените тетоважи во косата, во светот на познатите, но и кај „обичните смртници“ започна да владее трендот кој ќе ја разбуди бунтовничката во вас. Станува збор за лажен андеркат (faux undercut).
Најнапред да дефинираме што е андеркат. Станува збор за бричење на косата, најчесто од едната страна, околу увото, кое беше актуелно пред неколку сезони. Се сеќавате на Ријана во спотот за песната „Stay“?
Новиот тренд го оживеа овој начин на стилизирање на косата, но во помалку драстичен вид. Жените ширум светот ја обликуваат косата на тој начин што делува како да е избричена од страната, а всушност не е. Косата околу увото е вешто затегната наназад, па токму затоа и дава таква илузија. Неодамна и Клои Кардашијан ја покажа својата верзија на овој тренд.
Како што можете да забележите од фотографијата, таа ја затегнала косата зад десното уво и ја фиксирала со гел во боја, па од далеку делува како тој дел да е избричен. Патецот е наместен длабоко на страната, а остатокот од слободната коса е богат со волумен и брановиден слој кој прави контраст на лажниот андеркат.
Секако, таа не е единствената која ја испроба оваа фризура. Можевме да ја видиме на повеќе познати дами во различни ситуации и различни варијанти.
Ова не е единствената варијанта да добиете ефект на лажно бричење, а познатите дами и тоа ни го докажаа. Друг подеднакво практичен и ефективен начин е косата над едното уво да се исплети во цврста, француска или холандска плетенка.
Ваквото стилизирање на косата дава панк рок нота, но исто така може да делува и доста елегантно, а тоа зависи од вашето умеење за вклопување и комбинирање. Ако ве интересира како да ја постигнете вистинската варијанта на овој изглед, ви даваме и корисно фото упатство.