Најважната животна лекција на која училиштата забораваат да нè научат
Кога сме млади, го поминуваме поголемиот дел од времето на училиште. Таму учиме за животните, за бројките, за буквите, за општеството. Но, сите забораваме на најважната лекција која треба да ја научиме пред да влеземе во светот на возрасните: Како да се сакаме себеси. Можеби звучи клише, но ниту една образовна установа нема програма која ги подучува децата како да бидат среќни онакви какви што се. Дека себеприфаќањето е клучно во понатамошното себеизградување. Дека животот може да биде не само подобар, туку и полесен кога ќе знаеме како да се цениме и почитуваме себеси, бидејќи така ќе знаеме и како да ги цениме и почитуваме другите. Во продолжение прочитајте кои предности ги добиваат децата кога ќе научат како и зошто треба да се сакаат себеси.
1. Ја зголемува самодовербата на децата
Кога ќе ги научиме децата да се сакаат себеси и да ја прифатат својата уникатност, им ги даваме потребните алатки со чија помош ќе научат како да бидат одлични и да се снајдат во секое животно поле. Ги учиме дека иако математиката не им оди добро, тие сепак можат да успеат бидејќи се добри и неверојатни на некој друг начин. Кога ќе им дадеме ваква самодоверба, тие нема да бидат успешни само на училиште, туку и во секој друг аспект од животот.
2. Ги учи дека вредат
Некои деца не се многу добри во традиционалното училиште, па имаат проблеми да ги совладаат некои од основните предмети. Тоа може да ги натера да помислат дека не се важни во споредба со другите, ако им треба повеќе време да прочитаат една реченица или да решат една основна математичка равенка. Но, ако ги научиме да се сакаат себеси и сѐ она што имаат да го понудат, им покажуваме дека тие се поважни од просекот на училиште. Дека е во ред ако им е потребно повеќе време за да го совладаат некој проблем, бидејќи со самиот нивен обид да го решат проблемот, тие веќе успеале.
3. Ги учи на почит
Учењето на почит може да биде многу тешко ако им кажеме на децата дека треба да ги слушаат постарите само затоа што се постари. Ако ги научиме како да се сакаат и почитуваат себеси, ги учиме и како да ги почитуваат и прифатат другите. А, кога децата ќе научат како да почитуваат на свој начин, има многу поголема веројатност дека таа почит ќе трае.
4. Можеби нема да го научат ова дома
Еден од поголемите аргументи кои може да се претстави против оваа тема е дека сакањето себеси треба да се учи во домот, а не училиште. Но, несреќната реалност на некои деца е тоа што тие не учат ништо од ова кога си одат дома, туку се соочуваат со не толку љубезна средина. Можеби училиштето е единственото место и шанса во животот на едно дете, каде тоа ќе научи да се сака себеси.
5. Ги учи дека насилството не е секогаш решение
Точно е дека насилството не е секогаш решение, но понекогаш тоа е неизбежно. Некои деца сакаат да ги провоцираат другите уште од мала возраст, бидејќи не се чувствуваат сигурни во себе. Но, ако ги научиме децата да се сакаат себеси, тогаш ги учиме и оние кои провоцираат како да имаат поголема верба во себе и да се ослободат од сите несигурности кои ги имаат. Ние исто така ги учиме и оние кои се провоцирани да имаат свој став и дека не треба да се плашат да го споделат. Бидејќи, за најважните лекции во животот понекогаш не се потребни книги, туку само малку иницијатива, желба и мотивација.