Филм: Повратник (The Revenant)
Неверојатната приказна за епската авантура на еден истражувач, силата на човечкиот дух, желбата да се преживее и мотивацијата да се издржи и продолжи понатаму, која ниедно друго чувство не ја буди онака како што ја буди одмаздата: ладно и безмилосно.
Режија: Алехандро Гонзалез Ињариту
Улоги: Леонардо ди Каприо, Том Харди, Вил Полтер
Времетраење: 156 минути
Премиера: 25 декември 2015
Јазик: англиски
Жанр: драма, авантура, трилер
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Вестерн, драма, историски еп, егзистенцијален портрет… Како и да гледате на филмот кој годинава брои дури 12 номинации за Оскар, крајно и базично претставува една приказна за преживувањето и одмаздата, едно сетилно искуство во кое не се опишува центарот на општеството туку голата дивина, каде нема место за човечност и хуманост. Делумно направен по вистинската приказна за планинската легенда Хју Глас на Мајкл Пунке, „Повратник“ е несомнено еден тест на издржливост кој ќе ја подели публиката. Некои ќе го гледаат како класичен, Хамлетовски обид за одмазда, направен во препознатливиот стил на режисерот кој ни го донесе „Човекот птица“, а некои ќе гледаат многу повеќе. Ова е едно уникатно патување кое ја раскажува безвремената парабола за алчноста, искупувањето од сопствените гревови и разбирањето на фактот дека човекот можеби е поопасен и од природата.
А. Г. Ињариту повторно го покажува својот иновативен, смел и сингуларен дух со кој нè запозна минатата година. Рамнотежата на неговиот талент, ексцентричната амбиција со која располага и далекосежниот размер на способност и дејствување ја носат оваа исконска проза до работ на границите на екстремите. Снимен во природна светлина, филмот детално го покажува она кое човекот го искусува кога ќе се соочи со самиот себеси, претставувајќи ги дефинициите за бруталното, фундаменталното, примарното и животинското. Она што најмногу го привлекува вниманието е фантастичната кинематографија на Емануел Лубецки, кој вешто манипулира со сетилата преку долгите секвенци и блиските и далечните контекстуални кадри кои ја ловат пространоста на немилосрдните пејсажи со сите природни погоди и непогоди.
Што се однесува до актерската екипа, Леонардо ди Каприо и Том Харди се неспоредливи. Леонардо го гради ликот на легендарниот преживувач Хју Глас онака како што ги градел сите свои улоги досега: темелно, структурно, методично, аналитично и повеќе од достојно за пофалба. Том Харди ги игра и разработува карактерните особини кои често ги игра на филмските платна: арогантен, агресивен, горд и убедлив негативец, овој пат претставен во ликот Фицџералд, а сепак наоѓа еден целосно нов и свеж начин на карактерно портретирање, со што нè прави сведоци на уште една, конечно откриена страна на неговата уметност, вештина, трансформација и природност.
И додека ликот на Леонардо е носителот на дејството, ликот на Том Харди е двигателот и ја претставува совршената и парадоксална поларна спротивност на бесниот мотивациски дух на Глас. Заедно, сепак се едни сурови, себични и брутални бели капиталисти кои ја раскажуваат трагичната приказна на сопствената судбина и судбината на оние кои ги трпат последиците од нивните заблуди.
На кратко, станува збор за филм кој ја предефинира седмата уметност и ги разместува параметрите на аудио-визуелното.
Bravo!!
predobro npisano! go gledav filmote sovrsen leonardo stoposto kje go zeme oskarot