Применувајте ги овие техники на работното интервју и сигурно ја добивате работата за која сте аплицирале
Често се случува луѓето да добијат шанса за интервју за работа, но исто така за многумина тоа е и последната станица. Ако ве повикаат на интервју, тие претпоставуваат дека ја заслужувате работната позиција за која сте аплицирале, но вие мора да го потврдите тоа.
Одлучивме да ви претставиме 8 работи кои ќе ви помогнат многу подобро да се претставите и да оставите одличен впечаток, а после тоа останува само да ве вработат.
1. Оставете позитивен прв впечаток
„Никогаш не добивате втора шанса за да оставите прв впечаток.“ – Харлан Хоган
Кога ќе влезете во просторијата каде што ќе се одвива интервјуто, главните работи кои треба да ги запаметите се: да воспоставите контакт со очи, самоуверено и цврсто да се поздравите и да имате насмевка на лицето. Исто така мора да зборувате течно и одлучно, затоа што вашето двоумење и нејасно зборување ќе им даде лоша слика на луѓето кои треба да ве вработат.
2. Не доминирајте во разговорот
Интервјуто е дијалог, а не монолог. Што и да правите, немојте да мислите дека ќе ги импресионирате ако многу зборувате и ако доминирате во интервјуто. Откријте како работодавачите ја гледаат компанијата и кои се нивните цели преку начинот на кој го водат разговорот. Овие работи можат да му дадат насока на интервјуто и да ви помогнат при одговарањето на прашањата.
3. Користете го методот СЗАР
Користејќи го овој метод при одговарање на прашањата, се осигурувате дека ништо нема да изоставите. Почнете со ситуацијата (С), потоа продолжете со задачата (З), зборувајте за акцијата (А) која сте ја презеле, овој дел треба да е доминантен, и на крај завршете со резултатот (Р).
Оваа стратегија ќе ви помогне многу со прашањата со кои работодавците сакаат да знаат како сте решавале проблеми во конкретни ситуации. На пример, може да ве прашаат како сте се справиле во одредена ситуација кога сте немале доволно време за да решите некој проблем. Вие би можеле да опишете ситуација во која вашата компанија требала да изведе презентација за некој нов продукт, но личноста што требала да презентира заглавила во сообраќајот. Сте морале да најдете замена, но сте го искористиле времето за да прашате дали презентацијата може да се помести за понатака во текот на денот. Во меѓувреме сте нашле замена, презентацијата поминала добро, а првично планираниот говорник стигнал токму навреме за прашањата од публиката.
4. Бидете транспарентни за вашите слабости
На интервјуата секогаш го поставуваат прашањето за вашите најголеми слабости. Немојте да преувеличувате, никој не е совршен, затоа бидете отворени и кажете ги вашите слабости. Нивната цел преку ова прашање не е да видат колку сте добри, туку колку сте научиле од вашите грешки и неуспеси. На пример, вие можеби сте нетрпеливи кон колегите кои не се посветуваат доволно на работата, но кажете им како го совладувате тоа на работното место и со тоа ќе оставите добар впечаток. Зборувајте им за стратегиите кои ги користите за да ги надвладеете слабостите и дека тоа е секогаш дел од вашиот развој.
5. Бидете позитивни за вашето претходно работно искуство
Со тоа што ќе зборувате позитивно за вашето претходно искуство, давате порака дека сте личност која постојано учи и дека тешката работна атмосфера ви помогнала да надминете некои проблеми. Ако почнете да зборувате лошо и отворено да ги критикувате поранешните колеги, бидете сигурни дека нема да ја добиете работата, затоа што така оставате впечаток дека не знаете да бидете дискретни или полошо, дека имате тенденција да се жалите.
6. Прашувајте мудро
Кога ќе ве прашаат дали имате прашања, заборавете ги сите типични прашања како оние за платата, одморите и бонусите. Овие прашања сигурно ќе бидат поставени од страна на вашата конкуренција, бидете поразлични и подобри од нив. Често се случува овој дел од интервјуто да биде последен, но не мора да значи. Ако добиете шанса да поставите прашање, искористете ја со цел да се издвоите од другите. На пример можете да ги прашате, на што би можеле вие да се фокусирате во првите три месеци, кои се нивните главни цели, какви резултати очекуваат до следната година и сл.
7. Покажете страст и енергија
Многу кандидати се или пресрамежливи и затворени или премногу се трудат да се покажат. Покажете дека имате страст и енергија за новото работно место. Можете да бидете скромни за овие особини, но потенцирајте дека сте возбудени за работата. Одличен начин да се претставите себеси е со покажување ентузијазам, самодоверба, енергија и страст за работата. Негативна и пасивна личност никогаш нема да ја добие работата.
8. Покажете ја својата работа
Не е доволно само да кажете што сте направиле или како сте го правеле тоа. Потребно е да ја покажете ваша работа, доколку тоа е релевантно за работната позиција. Понесете го вашето портфолио и бидете спремни добро да ги презентирате вашите проекти од минатото. Овој потег значително ќе ви ги зголеми шансите за да ја добиете работата.
Следете ги овие техники за да оставите одличен впечаток за време на интервјуто и чекајте го повикот за вашиот прв работен ден во новата компанија.