Старите советуваат: Како да знаете дека сте го пронашле доживотниот партнер?

Старите советуваат: Како да знаете дека сте го пронашле доживотниот партнер?

Додека се спремал за изведување на обемна студија поврзана со советите од постарите брачни двојки кои долго време се заедно, Карл Пилемер, професор од Универзитетот Корнел, прашал голем број млади луѓе каков совет би сакале да добијат од некого кој е педесетина години постар и доста добро го провел животот. Од студенти кои се забавуваат и ден и ноќ, па сè до млади родители кои се трудат да најдат баланс меѓу семејството и работата, едно прашање доминирало: „Како да знам дека сум го пронашол/ла доживотниот партнер?“

Старите советуваат: Како да знаете дека сте го пронашле доживотниот партнер?

Тој подоцна интервјуирал над 700 стари Американци, сите во своите седумдесетти години или постари и меѓу другите им го поставил и ова прашање. Старите, за кои Пилемер вели дека заедно можат да соберат над 25.000 години брак и брачни разговори, истакнале три работи за кои секој треба да се запраша пред да стапи во брак. Ако некој пропушти да размисли за нив, постарите рекле дека секој сам треба да се обвинува себеси за тоа.

1. „Можеме ли да бидеме пријатели?“

На прашањето што е потребно за еден брак да успее, Пилемер најчесто добивал одговор дека е потребно човек да се венча со својот најдобар пријател. Оние чии бракови не успеале велеле дека биле добри љубовници, но никогаш не развиле пријателска блискост. Лидија, 75-годишна старица со среќен брак изјавила:

„Бидете пријатели, допаѓајте си се еден на друг. Тешко е кога сте млади и напалени еден за друг да застанете и да се запрашате: ‘Го сакам ли она што се крие зад овие раце и делови од телото?’ Тоа е нешто кое не застарува, туку само расте и се продлабочува. И сексуалниот аспект се продлабочува на свој начин, но како што поминуваат годините така пријателството ќе станува сè поважно. Тоа ќе биде тестирано од децата, тешките моменти, загубите на родителите, промената на интересите, но цврстото пријателство останува базата на добриот брак.“

Затоа, кога врската ќе почне да станува сериозна запрашајте се дали би биле пријатели кога не би биле вљубени еден во друг. Ако одговорот е негативен, размислете два пати пред да продолжите понатаму.

Старите советуваат: Како да знаете дека сте го пронашле доживотниот партнер?

2. „Дали секој од нас го сака семејството на другиот?“

Старите јасно му ставиле до знаење на истражувачот дека бракот не може да биде добар доколку не постои заемно почитување на семејствата на партнерите. Неговата/нејзината фамилија може да даде два битни одговори. Прво, начинот на кој вашиот партнер комуницира со нив открива многу за него/неа, и второ, во текот на целиот брак ќе треба да бидете во контакт со таа фамилија. Вилијам, 86-годишен старец, отворено вели:

„Ситуацијата е ваква: ако едниот од родителите е отворено против изборот на партнерот на своето дете, тогаш можеш да се венчаш, нема проблем. Но, ако и двајцата родители не го сакаат потенцијалниот партнер, тие постојано ќе ‘фрлаат стрели’ кон таа личност и ако не си се оженил/омажила со некој со силен карактер, семејството секогаш победува. Тоа може да води до развод, до меѓусебна изолација во бракот и ќе доведе до големо количество тага кое не можеш да го искажеш.“

Тоа значи, вели Пилемер, дека не стапувате во брак само со личност, туку и со уште едно цело семејство. Запрашајте се дали можете да живеете со луѓе кои би ви правеле проблеми цел живот.

Старите советуваат: Како да знаете дека сте го пронашле доживотниот партнер?

3. „Можеме ли да разговараме?“

Вашиот доживотен партнер мора биде некој со кого ќе можете да зборувате за што било без страв дека ќе бидете осудени за тоа. Можеби ќе има нешто за кое некој од партнерите нема да сака да зборува, и тоа е во ред, но ако сака мора да може да зборува за сè. Старите изјавувале дека се каеле за браковите во кои не можело слободно да се комуницира. 85-годишниот Џастин изјавил:

„Бракот ќе биде среќен само ако седнете и разговарате за работите. Не можете да ги оставите да вријат однатре и потоа одеднаш да експлодираат. Мора да го изгаснете огнот веднаш штом ќе почне. Ако некогаш нешто ви помине низ глава и ве вознемирува, мора да зборувате за тоа. Луѓето пречесто ги премолчуваат работите и не велат ништо. Им препорачувам на младите двојки да работат на ова уште од самиот почеток. Всушност, тоа е нешто кое треба да го научите уште додека излегувате и се забавувате како млади.“

Според Пилемер, тоа значи дека силниот, тивок и интригантен тип секогаш ќе биде интересен поради својата мистериозност, но ретко кога е добар материјал за брак.


САКАТЕ ДА ГИ ДОБИВАТЕ НАШИТЕ СОДРЖИНИ НА ИМЕЈЛ?

       

За авторот
Го интересираат општествените науки и сето она што ја истражува повеќедимензионалноста на светот и човековото однесување, но од тоа само правото му е професија. Вљубеник во филмот, фотографијата, читањето и сите спортови на овој свет. Пишувањето му е задоволство кое му овозможува да биде во контакт со нив секој ден.

Поврзани содржини

Остави коментар