Филм: Лок (Locke)
Само една грешка може да го сруши целиот живот
Режија: Стивен Најт
Улоги: Том Харди, Рут Вилсон (глас), Оливија Колман (глас)
Времетраење: 84 минути
Јазик: англиски
Премиера: 23 јули 2014
Жанр: драма, трилер
Наша оценка: 9/10
Ваша оценка:
Ајван Лок е добар сопруг, посветен татко и успешен градежен инженер. Има живот на кој многумина би можеле да му завидуваат. Се чини дека тој успеал сите работи да ги постави на своето место и потоа добро да ги контролира за да биде среќен. Неговите две деца и сопругата нетрпеливо го очекуваат да си дојде дома за заедно да гледаат важен фудбалски натпревар, а утредента го чека историски важен градежен зафат кој на неговата компанија и нему може да им донесе голем углед.
Сето тоа го дознаваме додека тој од непознати причини вози кон Лондон. Се јавува на еден колега, па на друг, па на своето семејство, па на некоја познаничка… Се труди да остане смирен и да ги држи работите под контрола, но полека се добива впечаток дека не ги држи работите така цврсто во своите раце и дека целиот живот му се руши дел по дел додека тој, од некоја причина, упорно се труди вечерта да стигне во Лондон.
Што се случува понатаму ќе откривате малку по малку од телефонските разговори помеѓу Лок и неговите соговорници. Нека не ве чуди тоа што сите слики во овој пост се слични една на друга, затоа што нема да видите поинаков кадар во текот на целото времетраење на филмот. Седнавте ли да го гледате „Лок“, тргнувате на 84-минутно возење со Том Харди и една од неговите најдобри изведби досега. Тој го носи целиот филм на својот грб и додека е единствениот актер кој се појавува во филмот, успева да му даде голема драматичност и од него да направи одличен трилер. Неговата улога е добар пример за минимализам во филмот и покажува колку малку е потребно за тој да биде едноставен, а во исто време тензичен. Овој филм е вистинско освежување. Тој е нешто поинакво од повеќето филмови на кои не навикнала филмската индустрија.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.