Уживајте во летниот одмор добро заштитени од сонце
Совети од д-р Соња Доневска специјалист дерматолог, медицински претставник за Еуцерин во Македонија
Сите со нетрпение го чекаме летниот одмор, особено ако планираме и да отидеме некаде на езеро, море или на планина. Веќе е сосема нормално во работите подготвени за на пат да имаме и производ за заштита од сонце. Некогаш постои дилема со кој заштитен фактор од сонце (SPF) да се заштитиме. Разликата од СПФ 25 до СПФ 50+ е многу мала во однос на филтрацијата на сончевите зраци. СПФ има повеќе значење во однос на тоа колку долго ќе бидеме заштитени откога ќе нанесеме од производот. Како можеме да пресметаме?
Прво треба да одредиме кој фототип сме и колкава е нашата природна заштита од сонце. Тоа можеме да го провериме во табелата, каде во првата колона ќе го одредиме нашиот фототип (според бојата на очите, косата и сл.), а во втората колона гледаме колкава е нашата природна заштита, односно колку време можеме да излеземе на сонце, а притоа или после тоа да не се јави црвенило на нашата кожа.
Ниво на осетливост на сонце |
Природна заштита
|
Детска кожа (екстремно осетлива) Екстремно склона на изгореници |
5 |
Екстремно осетлива Бледа кожа, со дамки, црвена коса, многу склона на изгореници |
5-10 |
Многу осетлива Светла кожа, руса коса, склона на појава на сончеви пеги, често склона на изгореници |
10-20 |
Осетлива Умерено бледа кожа, темна или костенлива коса; ретко склона на изгореници |
20-30 |
Слабо осетлива Темна кожа, темна коса; тешко или никогаш не гори |
30-40 |
Кога веќе ги знаеме овие податоци, одиме на следното: ако бројот на природната заштита во минути го помножиме со големината на СПФ од средството кое ќе го користиме, ќе го добиеме бројот на минути колку сме максимално заштитени од сонце, после нанесување на средството.
Пр. 1: Децата се најосетливи. Интернационалните препораки се дека бебињата до 6 месечна возраст не треба воопшто да ги изложуваме на силна сончева светлина. За постарите од 6 месеци земаме предвид дека нивната природна заштита во минути е минимална, односно е 5 минути и овој број го множиме на пр. со СПФ 25, при што излегува 5 х 25 = 125 минути максимална фотопротекција после нанесување на средството за заштита од сонце. Значи детската кожа е максимално заштитена малку повеќе од 2 часа.
Пр. 2: Ако одредиме дека нашата природна заштита е 10 минути, а средството е со СПФ 25, 10 х 25 = 250 минути, односно после нанесување заштита од сонце сме заштитени околу 4 часа.
Пр. 3: Ако одредиме дека нашата природна заштита е 10 минути, а средството е со СПФ 50, 10 х 50 = 500 минути или заштитата ќе трае малку подолго од 8 часа.
Сега прашањето е, зошто тогаш советите се дека треба да нанесуваме средство на секој час и половина до два, ако толку долго сме заштитени?
Бидејќи кога се потиме дел од средството се отстранува, кога лежиме триењето од подлогата отстранува дел од средството, кога се бањаме, дури и да е средството водоотпорно, ако се избришеме кога ќе излеземе, ние со тоа отстрануваме дел од заштитата од сонце на нашата кожа. Затоа е потребно на одреден период повторно да нанесеме заштита од сонце, за да го надоместиме она што е отстрането.
Уживајте во сонцето, но не заборавајте и на општите совети кои важат за сите:
- Избегнувајте го најинтензивното сонце од 12-16 часот!
- Носете капа, маичка и очила за сонце кога сте изложени на интензивни УВ зраци!
- Нанесувајте доволно заштита од сонце!
- Не ги изложувајте бебињата и малите деца на најинтензивното сонце!
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.