Прекрасните планински села на Лефкада
Лефкада е остров што на посетителите им нуди голем број скриени богатства и места за истражување. Ако го поминувате својот одмор на овој прекрасен јонски бисер и сакате да видите како изгледал животот пред 50 години, тогаш треба да ги посетите планинските села.
Најголемиот дел од островот Лефкада е прекриен со планински венци, од кои највисоката планина е Ставрота со височина од 1.158 метри над морското ниво. Ако прошетате низ планинските предели на Лефкада ќе пронајдете десетици планински села на различна надморска височина, во кои се чини дека времето застанало пред половина век, зачувувајќи го автентичниот начин на живот на локалните жители.
Доколку сте расположени за истражување, ви препорачуваме да посетите дел од овие села, за да ја искусите атмосферата на некогашната Лефкада, која полека се менува, бидејќи местото станува сѐ попопуларна туристичка дестинација.
Во близина на главниот град, Лефкада, се наоѓаат повеќе села, од каде што има прекрасен поглед на градот и мостот кон копното. Меѓу нив најпознати се: Спанохори, Лазарата, Кавалос и Аспрогераката. На спротивната страна од истата планина се наоѓаат селата Римонас и Ексантија, од каде што има неверојатен поглед на отвореното Јонско Море.
Планинските села на Лефкада се најпознати по традиционалните фестивали кои се одржуваат во речиси секое село. Најпознатите фестивали се во селото Карија, кое се наоѓа во средиштето на островот. Во текот на месец август таму се одржува фестивал на виното, како и традиционалната свадба.
А, кога станува збор за југот на Лефкада, селото што не смее да се пропушти е Агиос Петрос, кое се наоѓа високо над Василики, од каде што има прекрасен поглед на целата долина, туристичката населба, но и морето. Во Агиос Петрос ќе забележите дека најголем дел од градбите ја задржале автентичната архитектура и по нивната реконструкција.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.