7 златни правила за оние кои носат контактни леќи
Во статијата Дали хигиенски ги користите вашите леќи?, го споменавме истражувањето на магазинот „Optometry and Vision Science“, според кое само 2% од луѓето хигиенски ги користат леќите, а дури 80% се во заблуда дека правилно ги употребуваат. За да не спаѓате во тие 80%, ви препорачуваме да ги прочитате следните 7 златни правила за употреба на контактните леќи.
1. Секогаш убаво мијте ги рацете
Најважен чекор е темелното миење на рацете пред ставањето и вадењето на леќите. Окото е сензитивен орган и дури и најмалите бактерии може да предизвикаат голем проблем. Затоа, внимавајте и секогаш обрнувајте внимание на чистотата на рацете.
2. Менувајте го растворот во кутијата секој ден
Не ги оставајте леќите во истиот раствор неколку дена, мислејќи дека така ќе заштедите на време и пари. Не само што ризикувате да се здобиете со инфекција, туку и дополнително создавате нечистотии на самите леќи, што подоцна ќе ви го отежни видот. Затоа, секојдневно менувајте го растворот во кутијата за чување.
3. Вадете ги леќите пред спиење
Вадењето на леќите пред спиење е важно бидејќи така полесно се задржува нивниот квалитет и употреба. И секако, препорачливо е очите да се одморат од нив, барем додека спиете.
4. Ставете ги леќите, па нанесувајте шминка
Секогаш ставајте ги леќите пред нанесувањето шминка. На тој начин, ги избегнувате честичките шминка што може да се залепат на леќата и да ви го нарушат видот. Истото важи и за вадењето на леќите. Првин извадете ги, па отстранете ја шминката.
5. Ноктите нека ви бидат пократки
Долгите нотки може да попречат во правилното ставање и вадење на леќи. Затоа, трудете се да имате добро средени, кратки нокти, за да не дојде до гребење и кинење на контактните леќи.
6. Кутијата за леќи менувајте ја секој месец
Повеќето офталмолози препорачуваат менување на кутијата за леќи на секои две до четири недели, а најмногу до шест. Тие воопшто не се скапи и најубаво е уште веднаш да си набавите повеќе. Очите и леќите ќе ви бидат благодарни.
7. Плакнете ги леќите
Пред да ги ставите леќите, најпрвин положете ги на дланката, на нив нанесете раствор за леќи и нежно масирајте ги неколку секунди. Ова ќе ги исчисти наталожените нечистотии. А доколку често ви се случува да ви се сушат очите и леќите да постанат лепливи, а видот матен, тогаш најдобро е да си набавите вештачки солзи, кои би ги нанесувале во текот на денот.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.