Кој е вашиот омилен ретро стил?
Секоја жена или девојка има своја страст кон модата, свој вкус и стил по кој е оригинална и препознатлива. Сите помалку или повеќе гледаме стари филмови и на тој начин во многу прилики сме изложени на некогашната мода.
Модните трендови знаат да се вратат на голема врата, со помали или поголеми измени. Во секој случај, речиси секоја деценија има свое модно обележје. Која е вашата омилена модна деценија? Кој дел од некогашните модни трендови би ги примениле денес?
Уживајте во оваа мала галерија со чија помош накратко ќе пропатуваме низ историјата на модата.
20-тите
Да да, секако дека модерната филмска верзија на „Големиот Гетсби“ ни ја донесе поблиску модата од 20-тите.
Оваа декада се карактеризира со бурна мода. Жените конечно се одлучуваат да се ослободат од долгите тешки фустани и замислете – да откријат дел од нозете! Кога зборуваме за 20-тите неизбежно е спомнувањето на популарната боб-фризура, впечатливиот накит и правите, неструкирани фустани.
Станува збор за декада кога жените се борат против шовинизмот со посмел, но сепак елегантен изглед. Се пронајдовте?
40-тите
Пред сè можеме да речеме дека 40-тите се храбри години кога станува збор за женската мода. Жените ја имале улогата и на маж и на жена во семејството бидејќи мажите војувале и биле далеку од дома. Сепак женственоста ја истакнувале носејќи здолништа долги до колена и струкирани кошули или сакоа.
За разлика од 20-тите, жените од оваа декада не носат скапоцен и впечатлив накит бидејќи сепак станува збор за тешки и сиромашни времиња со оглед на тоа што светот војувал. Косата обично им била со должина до раменици, извиткана во величествени локни.
Доколку сакате да испробате ретро стил од 40-тите, држете се до едноставното, одберете пониски потпетици со отвор напред кај прстите, и секако, не претерувајте со аксесоари.
50-тите
Како да зборуваме за 50-тите без да ги споменеме големите сукњи долги до под колена, пласирани здолништа со набори и „жешко“ црвен кармин? Па сепак станува збор за време на новите почетоци!
Ако сакате да „оживеете“ некој изглед од 50-тите, задолжително ќе ви треба црвен кармин, ракавици, струкирани кошули, широки пласирани здолништа или панталони со висок струк, марама околу вратот и пунџа. Дозволете си малку гламур и многу, многу женственост и елеганција.
И секако, доколку позирате, употребете ја класичната поза од 50-тите – една нога пред друга со стапалото свртено на една страна.
70-тите
Шишки, тапирана коса, мини-здолништа, траперки, кренати јаки и „луди“ потпетици. Овие години се голем скок напред кон важна промена во модата. Станува збор за послободен и порелаксиран стил.
Стилот бил послободен бидејќи жените можеле да бидат што сакаат – со женствени и елегантни, како и со поедноставни и спортски комбинации.
Не заборавајте, доколку сакате да ги „оживеете“ 70-тите, мора да знаете како да танцувате на диско музика!
80-тите
Неонски впечатливи бои, тесни здолништа, хеланки, маички со гол струк, тапирани фризури и големи обетки. Ако за модата во 70-тите рековме дека била послободна, тогаш 80-тите се диви и нескротливи.
Цела таа мешавина на светли бои, зачинета со малку рок и малку хипи изглед е огромна промена од останатите ретро стилови.
Да, модата знае да биде забавна. Се одлучивте која модна деценија е вашата омилена?
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.