ТВ серија: Следбениците (The Following)
Брилијантен и шармантен сериски убиец, кој е затворен за своите злосторства, успева да создаде група на следбеници кои слепо го следат во секој чекор
Главни улоги: Кевин Бејкон, Џејмс Пјурфој, Натали Зеа, Ен Парис, Шон Ашмор, Валори Кјури
Жанр: криминалистика, драма, мистерија
Креатор: Кевин Вилијамсон
Премиера: 21 јануари 2013
Број на сезони: 1
Времетраење: 45 минути
Јазик: англиски
Наша оценка: 9
Ваша оценка:
Според ФБИ, во истиот овој момент во Америка постојат околу 300 активни сериски убијци. Што мислите, што ќе се случи доколку овие личности имаат начин да стапат во контакт и да се поврзат едни со други? Што ако тие научат како да работат заедно и да се обединат? И најважното прашање во оваа ситуација би било што ако еден брилијантен сериски убиец кој е психопат успее да ги донесе на едно место и да ги направи свои следбеници? Звучи застрашувачки, нели?Пред 8 години, шармантниот и брилијантен професор Џо Керол (Џејмс Пјурфој) бил осуден за убиството на 14 млади девојки. Денес, тој наоѓа начин како да избега од затвор и да го заврши она што го започнал. Керол е фасциниран од делата на Едгар Алан По и според Рајан Харди (Кевин Бејкон), детективот кој пред 8 години успеал да го фати, тој преку своите убиства на некој начин создава уметност и му оддава почит на овој писател. Секој од нас сака да припаѓа некаде. Оваа желба е можеби една од нашите основни потреби, но исто така знае да биде и една од најопасните. Керол ќе најде начин како да допре до оние личности кои очајно сакаат да припаѓаат, но не можат да го пронајдат своето место во светот. Со неговата шармантност тој ќе успее да ги заведе оние кои се чувствуваат изгубено и да ги убеди во своите верувања. Како што ќе поминува времето, доказите сè повеќе ќе укажуваат на тоа дека Керол имал помош при бегството. Но, она што навистина ќе ја изненади полицијата е откритието дека можеби станува збор за култ, група на следбеници со психопатски тенденции кои сакаат да убиваат, но не се плашат да го дадат својот живот за нивниот водач. Оваа интензивна ТВ серија ќе ве држи на работ од вашиот стол до самиот крај на сезоната. Дејството ќе ве води напред-назад помеѓу минатото и сегашноста на сите ликови, а со тоа ќе ви овозможи и подобро сфаќање на скриените мотиви кои се наоѓаат зад секоја нивна постапка. Но, да ве предупредиме, „Следбениците“ е психолошки многу тешка серија и не секој би можел да ја гледа. Во секој случај, доколку ве интересираат несекојдневни и необични приказни во кои се навлегува длабоко во криминалниот ум, тогаш оваа серија може навистина да ве изненади.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.