Каде се купува љубовта?
Автор: Маја Кузмановска
Среќавам девојки кои наместо за принцот сонуваат за неговиот автомобил. Човекот да ти станал таков страшен хомо-конзуменс што сега и Ерик Фром се превртува во гробот. Наместо да ја разберат неговата „Вештина на љубовта“ тие погрешно ја протолкувале неговата дефиниција за човекот кој конзумира. Одеднаш, камења ти се трупаат во желудникот кога дознаваш дека денес и љубовта станала бренд, а совршените тела и скапите статусни обележја – маркетиншки трик.
Земјината гравитација се надополнува со материјалната. Сѐ додека купуваш, љубиш, сѐ додека трошиш среќен си. Капитализмот не владее само со нашите економии и општества, почна да владее и со нашите срца. Парите диктираат кој е подобар љубовник. Или верник. Како да љубовта и вербата можат да се мерат со бројки и количини.
Неодамна, на Твитер некој имаше напишано дека сака да си купи сто грама љубов. Се прашувам, доволни ли ќе се!? Во каква продавница се продава ли љубовта, онаму каде што продаваат убави, светкави работи спакувани во најквалитетната хартија или онаму каде освен бадемите, лешниците, бонбоните се продава и таа, рефус? Како се рекламира љубовта? Купи срце, добиваш и душа! Или земи си љубов ќе добиеш и гратис возење до дома. Биди секси и имаш гратис мартини секоја вечер.
Додека го пишувам ова, отворен е мојот Фејсбук профил. Оп, одеднаш ми светнува, ете каде се продава љубовта. Милиони тука си ги продаваат чувствата, некои си бараат партнер/ка, некои се обидуваат да се пикнат во туѓа врска, срцепарателни рефрени и розови срца на сите страни. Да се љубевме во реалноста толку многу како што тоа го правиме таму ова ќе беше еден среќен свет.
Бедно е што денес познавам личности кои се во врски од интерес. Уште победно е што некои се во брак од интерес, имаат деца од интерес. Но, не зборувам за оној интерес и потреба да се биде со некој, некој да се љуби, да споделуваш со него, да му веруваш, да го гушкаш. Мислам на оној материјалниот интерес. Зборувам за оние врски каде клучот од автомобилот или луксузната вила ја дефинираат довербата. За она кога егзотичноста на дестинацијата каде летувате го подобрува вашиот однос. Мислам на ова денешно време – невреме кога за некој незамисливо е да прошета девојка под рака која не поседува скап телефон, не е облечена по најновите модни тенденции и не изгледа како девојките од ревиите на Викторија Сикрет. Алудирам на девојките кои се во „љубовна“ врска само за да бидат ВИП фаци во градот, да пијат во најелитните локали, да пушат увезени цигари и соседите да ги видаат како се симнуваат од автомобил кој сѐ уште не е појавен на македонскиот пазар.
Која е единицата мерка на нашите души, еврото, доларот, златото, луксузот? Може ли љубовта да се стави на кантар, ќе натежни ли тој тас каде што е таа повеќе од оној другиот на кој стојат дијамантите и парите? Пред да почнете да мерите колку чини вашата љубов, ќе ве потсетам дека врските основани од интерес и профит имаат краток рок на траење. Некогаш дури и пократок од чоколадото кое штотуку го отворивте. Секогаш може да се појави некој кој има поубав автомобил од вашиот, повеќе кредитни картички од вас или девојка која е позгодна од вас. И тогаш „љубовта“ добива нова тежина и амбалажа. Се разбира, со рок на траење колку млекото.
Ќе ве потсетам дека некогаш имало војни на овие простори, страшна сиромаштија, беда, немало автомобили, камоли пак елитни места за излегување. Ама луѓето љубеле, верувале, граделе иднина. Небитно, дали љубовта ја „купиле“ на чешма, преку познаници, таа чинела цел еден живот и им трае колку вечноста. Сетете се на најубавите љубовни приказни. Помислете на сите љубовни романи, песни, портрети, скулптури, храмови и војни кои биле последица на голема љубов. Премногу приказни и уште толку нови кои ја чекаат светлоста на денот за да бидат откриени додека страста ги заспива на свилените постели. Ете таква љубов сакам да ни се случува. Онаа која трае светлосни години, онаа која нема цена и живее дури и по физичката смрт на љубовниците и долго се прераскажува.
Прекрасен текст, браво!
За жал , тоа е вистината. Се изроботизиравме 🙂
uzasno a vistinito