Филм: Прибежиште (Safe Haven)
Уште една филмска адаптација на роман на Николас Спаркс
Режија: Ласе Халстрем
Улоги: Џулијан Хаф, Џош Духамел, Дејвид Лајонс, Коби Смалдерс
Времетраење: 115 минути
Јазик: англиски
Премиера: 14 февруари 2013
Жанр: драма, романса, мистерија
Наша оценка: 5/10
Ваша оценка:
„Прибежиште“ (Safe Haven) е осмата филмска адаптација на роман од пистелот Николас Спаркс. Како што веројатно сите негови книги се слични една на друга, така и овие филмови не можат да побегнат од истата судбина. Овој пат приказната ги следи Кејти (Џулијан Хаф), убавица со мистериозно минато, и Алекс (Џош Духамел), бескрајно фин самохран татко на две деца чија сопруга починала од рак.Во филмот влегувате со бегството на Кејти од полицијата. Не е познато зошто бега, но кога ќе стигне во тивкиот Саутпорт на брегот на Северна Каролина се чини дека наоѓа малку мир. Сè уште се плаши за својата сигурност, па затоа на почетокот одбива да се зближи со локалните жители, барем додека не се спријатели со Алекс и неговите деца Лекси и Џош.Лекси се радува на интензивирањето на пријателството меѓу татко ѝ и новата девојка, но за разлика од неа Џош не сака никој да го заземе местото на мајка му. И покрај тоа, страста меѓу Алекс и Кејти полека се разгорува, таа почнува да си го средува животот, но токму тогаш бостонската полиција по неа распишува потерница поради убиство и работите се комплицираат.Понатамошното дејство во филмот, исто како и од почетокот, е сплет помеѓу романсата која е на повидок од една страна и мистеријата во врска со минатото на Кејти од друга. Таа мистерија е добро скриена до одредена точка во филмот и тешко е да се претпостави што точно ѝ се случувало нејзе, но по неколку клишеа наредени едно по друго тоа се губи и „Прибежиште“ може да ви стане многу предвидлив.Дури и романсата не е многу интензивна како во други филмови на Спаркс. Не е филм кој носи напнатост, кој возбудува, туку е многу лесен за гледање и се чини дека е наменет само за фановите на неговите дела и филмовите снимани според нив. Голем дел од сцените се снимани во т.н. златен час, кога зајдисноцето дава посебен амбиент на и онака идиличното крајбрежно гратче. Ако ви е потребно бегство на едно такво филмско прибежиште без притоа многу да се заморувате, тогаш можете да се опуштите со овој филм.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.
Филмот е преубав ! Крајот е WTF… го препорачувам на сите ^_^
книгата е ноооооогу по убава.