Книга: „Ветување“ – Даниела Стил
На нивните безгрижни денови им доаѓа крајот и тие се принудени да се разделат. Но, има нешто многу важно. Тие си ветија дека никогаш нема да си кажат „збогум“…
Наслов на оригиналот: The Promise – Danielle Steel
Станува збор за вистински бренд во литературата, па затоа кога се пишува за Даниела Стил, едноставно ни еден збор не ви се чини доволно добар за да ја опишете. Со продадени над 800 милиони копии на нејзините дела, Стил е четврт најпродаван автор на сите времиња. Сè што ќе излезе потпишано со нејзино име, се претвора во злато. Сите нејзини новели се бестселери, делуваат како опојна напивка и ви создаваат зависност од добра литература.
Новелите на Стил се преведени на 28 јазици, а дури 22 нејзини дела се адаптирани на ТВ. Најчесто во нејзините приказни се зборува за богати семејства кои се соочуваат со разни предизвици. Пишува сè, од романтични новели до криминалистика. Овој пат ја избрав слатката романтична приказна „Ветување“.
Синопсис
Мајкл и Ненси се лудо вљубени. Тие имаат сè што им треба. Млади се, полни со живот и во исчекување на заедничка среќна иднина. Ненси веќе се замислува во улогата на негова жена, а Мајкл не може да замисли ни една друга на нејзино место. Но има еден огромен проблем, проблем кој се вика Марион Хилард. Амбициозна жена, која цел свој живот го посветила на работата, за еден ден нејзиниот син Мајкл да застане на чело на угледната фирма. Ненси пораснала во дом за сирачиња, и нејзините надежи дека мајката на Мајкл ќе ја прифати како своја ќерка и дека конечно ќе има свое семејство се сосема оправдани. Но тоа не се случува. Марион никогаш не би одобрила нејзиниот син да заврши со девојка која не е од нивната класа.
На денот кога Мајкл ќе реши да ѝ се спротивстави на мајка си и да се венча со Ненси, се случува голема несреќа. Мајкл е во кома, лицето на Ненси е врзано во завои, а нејзината надворешна убавина е целосно уништена. Марион има понуда за неа. Доколку замине во Калифорнија и вети дека никогаш нема да го побара Мајкл, таа ќе ѝ овозможи трансформација на нејзиното лице кај еден од ретките доктори кој може да поправи таква штета, како и стан и плаќање на сите животни трошоци додека трае лекувањето. Во спротивно Ненси ќе биде принудена да го живее остатокот од својот живот изгледајќи како чудовиште од кое ќе се плашат децата на улица.Ненси го прифаќа предлогот, негледајќи друг излез бидејќи нема друг начин да плати за такви хируршки зафати. Цврсто верува дека Мајкл ќе ја побара, бидејќи тој ден на плажата ѝ вети дека никогаш нема да си речат „збогум“. Но кога Мајкл ќе се разбуди од кома добива ужасна вест. Тој ќе живее две години верувајќи во лагата дека Ненси е мртва, додека таа поминува исто толку време пробувајќи да го преболи, живеејќи огорчена поради фактот што никогаш не пробал да ја најде, и обидувајќи се да започне нов живот…
Дали Ненси ќе успее да се претвори во нова личност која целосно ќе го стави минатото зад себе? И кога би се претворила во нова личност, дали Мајкл би ја препознал? Дали патиштата повторно ќе им се вкрстат? Најважно од сè, дали и двајцата ќе си го одржат ветувањето дадено на денот на страшната несреќа?
Лична критика
Неверојатна романтична приказна која ќе ве остави без зборови и ќе ви ги наполни очите со солзи, макар и да сте најголеми антиромантичари. Стил на совршен начин ве води низ животите на протагонистите, станувате дел од нив, посакувате буквално да влезете во приказната и да им ги отворите очите. Да му кажете дека таа е неговата најголема љубов, и дека под нејзиното ново лице се крие старата Ненси, а неа да ѝ кажете дека цело време тој се обидувал да се помири со тоа дека е мртва, но никако не успеал.
Книгата е издадена во 1978, но е вистински евергрин и претставува пример за тоа како би требало да изгледа една романтична приказна. Големата несреќа, страшната уцена за да ги добие назад младоста и убавината, како и безмилосната лага, се само тест за издржливоста на нивната љубов. Нема никакви замерки, не постои ни една реченица од книгата која ќе ви боде очи, нема никакви нелогичности, станува збор за Даниела Стил, квалитетно дело и совршен начин да се збогатите со уште едно литературно искуство. А ако сум пристрасна, се извинувам, не можам да си помогнам. Јас сум само уште еден нејзин огромен обожавател.
Бидете секогаш во тек со новите содржини на Кафе пауза. Следете нè на Твитер или пак станете фанови на нашата страница на Фејсбук.